Претседателот на САД Доналд Трамп ја почна постапката за ратификација на протоколот за прием на Македонија во НАТО, објави Сител. Шефот на американската држава испрати писмо до Конгресот, во кое ја истакнува неопходноста за влез на земјава во Северноатлантската алијанса.
Во писмото испратено до Конгресот Трамп се вели:
–Ви го доставувам Извештајот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, подготвен во согласност со секциите од Решението за известување и одобрување на ратификацијата на протоколите на Северно-атлантскиот договор од 1949 година, за прием на Полска, Унгарија и Чешката Република од 30-ти април 1998 година, пишува Трамп.
Протоколот од 98-та година за прием на овие земји во НАТО, служи како основа за сите идни членки во Алијансата кои доаѓаат од посткомунистичкиот блок. Во него е наведено дека приемот придонесува за безбедност и стабилност во Европа, како и ширење на демократските капацитети на идните земји членки.
Дека Белата куќа ја почна процедурата за ратификација на Протоколот потврди и министерката Шеќеринска. На научна конференција во МАНУ нагласи дека седум децении НАТО ја штити безбедноста и демократијата низ целиот свет.
НАТО е предизвикувач на позитивни поместувања и не е само политички и воен сојуз, туку структура која гради цел вредносен систем во земјите-членки.
Покрај безбедносниот аспект, според академиците, главните придобивки од влезот во НАТО ќе бидат зајакнувањето на правосудниот систем и создавањето поволна економска клима.