Македонија 12. ноември 2020. / 15:00

Комисијата расправа за нови рестриктивни мерки, Филипче тврди дека нема потреба од полициски час

Комисијата расправа за нови рестриктивни мерки, Филипче тврди дека нема потреба од полициски час

За денеска во 14 часот е закажан состанок на Комисијата за заразни болести на кој ќе се разговара за можните дополнителни рестриктивни мерки.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека засега нема потреба од дополнителни рестрикции како полициски час. Во следните недели очекува резултати да дадат рестриктивните мерки кои сега се на сила, иако, како што денеска изјави, подготвени се да предложат дополнителни рестрикции доколку има потреба од тоа.

Евентуално би можело да се предложи целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд.

– После утринската координација што ја имавме, се уште сметаме дека ова не треба да се препорачува, но ја следиме епидемиолошката ситуација и ќе носиме одлуки доколку треба да се донесат вакви препораки или мерки, нагласи Филипче.

Не стравува дека со воведувањето на полициски час во соседните држави, би можело во земјава да се појават импортирани случаи однадвор.

– Тоа што некои соседни земји имаат карантин, значи целосна ограничување на движењето. Впрочем и сега границите се отворени. Тоа беше заеднички договорено согласно претходната анализа на стручната група во рамки на заедничката работна група која заклучи дека нема ризик од импортирани случаи заради тоа што во секоја од земјите во регионот главен ризик е локалната трансмисија, рече Филипче.

Во однос на доцното објавување на извештаите за новозаразени, Филипче рече тоа е така поради огромна бројка на резултати што пристигнува за извршени тестирања и проверките што се прават со цел да се дадат точни податоци.