Македонија 31. март 2020. / 13:35

Комерцијална банка донира 100.000 евра и 34.250 заштитни маски за Министерството за здравство

Комерцијална банка донира 100.000 евра и 34.250 заштитни маски за Министерството за здравство

Со цел да им помогне на здравствените работници во справувањето со кризата предизвикана од корона вирусот, Комерцијална банка АД Скопје обезбеди парична донација во износ од 6.150.000 денари и дополнителна заштитна опрема (34.250 медицински заштитни маски за лице) во вредност од 1.200.000 денари за потребите на Министерството за здравство, соопштија од банката.

– Паричните средства се префрлени на посебна наменска сметка на Министерството за здравство, а се наменети за справување со заканата по јавното здравје произлезена од епидемијата со вирусот Ковид-19. Доставени се и медицинските маски за заштита на здравјето на здравствените работници, кои во борбата за зачувување на јавното здравје се најизложени на ризикот од корона вирусот – се наведува во соопштението.

Од банката потенцираат дека борбата со корона вирусот е заедничка обврска и предизвик против кој ќе треба да се спротивставиме со сите сили и капацитети.

  Комерцијална банка, како докажана општествено одговорна компанија, од самиот почеток на актуелната криза презема соодветни мерки и активности, пред се, за заштита на здравјето на клиентите и на вработените, а и за несебична поддршка на здравствените институции кои ја водат најтешката борба. Само со лична и корпоративна одговорност на ниво на цела држава ќе успееме да се справиме со заканата што ја наметна корона вирусот – порачуваат од Комерцијална банка.