Македонија 06. јули 2020. / 12:50

Кога кечето на Гоце ќе заврши на главата на Зоки

Кога кечето на Гоце ќе заврши на главата на Зоки

Да се вратат доколку имаат малку почит за нивната татковина и за нивниот патриот Гоце Делчев и да видат дека Гоце Делчев со кече држел говор пред Албанците.

Зборовите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, среде изборна кампања уште длабоко одѕвонуваат во јавноста. Зашто, пораката има длабоко политичко и национално значење. Прво, затоа што ја доведува во прашање почитта на Македонците кон сопствената држава и второ, затоа што истото го прави со ликот и делото на Гоце Делчев.

Добро е што историчарите Албанци, кои го проучуваат периодот на Гоце Делчев, брзо реагираа и потврдија дека изјавата на Ахмети нема врска со реалноста. Но, и да и се даде само преизборна тежина, сепак добива сосема друга димензија во македонско-бугарскиот спор околу припадноста на македонскиот револуционер.

Случајно или не, кечето на Гоце Делчев се совпадна со настапот на историчарот во обид, полицискиот генерал Стојанче Ангелов.

-Па, можеби Зоран Заев е нов  Гоце Делчев, изјави Ангелов.

Притоа, неговата цел беше да ги поистовети Делчев и Заев од аспект на спротивставувањето на Делчев на предвременото Илиндернско востание и отпорот на македонските граѓани кон сето тоа што го потпиша Заев на штета на македонскиот народ. За жал, користената реторика беше во насока на прикажување на Делчев и Заев како квислинзи и предавници.

Според логиката на генералот Ангелов, сега кечето на Гоце Делчев слободно завршува на главата на Зоран Заев.

Но, во леснотијата со која се изнесуваат лажни тези и обвинувања на сметка на македонскиот револуционер Гоце Делчев се чита и нешто сосема друго. Нападите врз неговиот лик и дело, всушност, се директно негово сквернавење и релативизирање, што треба да доведе до чувство на рамнодушност кај Македонците, при носењето на одлуката на заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците.

Зашто, нејзината работа се сопна токму на Гоце Делчев. И ваквите изјави на политички личности од домашната политичка сцена, само им ја отежнува работата на македонските историчари, со оглед дека бугарските буквално се фаќаат за секој изречен збор.