Македонија 08. ноември 2018. / 16:23

Коѕијас: Спомнувањето на “припадници на македонскиот народ” се коси со Преспанскиот Договор

Коѕијас: Спомнувањето на “припадници на македонскиот народ” се коси со Преспанскиот Договор

Коѕијас бара официјална Атина да посвети внимание на амандманот кој го дополнува членот 49 од Уставот на Македонија. Екс министерот за надворешни работи на Грција и потписник на Преспанскиот договор смета дека дискутабилно е тоа што во дополнувањето на членот 49 стои терминот – македонски народ.

– Мора да се посвети внимание на амандманот со кој Владата на Заев го дополнува спорниот член 49 од Уставот на соседната земја, вели Коѕијас.

Со овој амандман во иднина ќе се декларира грижата за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство. Па токму спомнувањето на македонски народ за Коѕијас е дискутабилно прашање кое може да се коси со Преспанскиот Договор.

За овие ставови на екс шефот на грчката дипломатија Тв Алфа го контактираше прес центарот на Владата од каде што добивме одговор.

– Во моментот сме фокусирани на целосна имплементација на Договорот од Преспа кој е во насока на градење на пријателство помеѓу двете земји и кој ќе придонесе за стабилизација и економски просперитет на целиот регион, велат од Владата на Р.М.

Во меѓувреме Коѕијас синоќа ва своето двочасовно излагање во Комотини, Грција кажа дека овој договор е историски, затоа што за прв пат Скопје признава дека нема поврзаност  со Александар Велики и со античките Грци.

– Овој Договор што го постигнавме е да се појасни дека овој народ- таму не се поврзува со грчкиот карактер, античката грчка цивилизација. Односно Словените и нивниот јазик, кој, за жал, беше прифатен од страна на Грција во 1977 година, е јазик кој припаѓа на словенските јазици и нема никаква врска со древниот грчки јазик, вели екс министерот за надворешни работи на Грција.

Коѕијас кажа и дека за време на неговиот мандат ги решиле проблемите, Владата ја направила Грција  голем играч во регионот и силен и почитуван играч во Европа.