По објавата на коалицијата меѓу СДСМ и Беса, дел од политичките аналитичари во земјава го прогласија таквиот договор за „зорт-коалиција“, која треба на СДСМ да и ги донесе албанските гласови што Заев ги изгубил поради неостварените ветувања и кои не ги доби во првиот круг од претседателските избори.
Како што дознава „Нетпрес“ од партиски извори, токму затоа Заев бил повеќе од дарежлив кон БЕСА, па така се говори дека и понудил дури пет сигурни пратеници. Имено, распределбата била двајца добитни пратеници во 6. изборна единица и по еден сигурен пратеник во првата, втората и петтата изборна единица. Со други зборови Заев на Беса ќе и создаде цела пратеничка група од пет пратеника, во време кога БЕСА вреди едвај еден пратеник во 6. изборна единица.
Тоа предизвикало револт во коалицијата на СДСМ, но и меѓу општинските организации на владеачката партија. Особено незадоволство имало во 1. и во 5. изборна единица, каде што општинските организации на СДСМ во Кисела Вода, Сопиште, Македонски Брод и Битола требале да трчаат за пратеници од Беса. Тензична била ситуацијата и во втората единица особено во Ѓорче Петров и Гази Баба кои исто така требале да и донесат пратеник на новата коалиција СДСМ–Беса. За Социјалдемократите кои требале да истрчаат на терен тоа е премногу затоа што Беса едвај тежи 15 илјади гласа, а СДСМ треба да и создава пратеничка група.
Како што пишува „Нетпрес“, генералниот секретар Николовски не можел да го задржи незадоволството, особено од односот на Заев кон старите членови на СДСМ, кои сметаат дека со тоа се скршнува од курсот на партијата и се разјадува внатрешното единство. Конфликтот во СДСМ за пратенички места бил голем затоа што анкетите покажувале изборен пораз што автоматски би значело немање на места во извршната власт, а тоа само ја зголемувала цената и желбата за пратеничките мандати. Дел од општинските организации уште сега се заканиле дека нема да работат за изборите доколку овие најави се преточат во пратенички листи. Коментарите биле дека СДСM на овие избори всушност ќе работи за Беса.