Се зголемува бројот на високи функционери од редовите на СДСМ коишто се позитивни на корона вирусот или, пак, се во изолација поради контакт со заразени.
Најновиот случај е градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, кој е префрлен и на Инфективната клиника. Тој го потврдува позитивниот тест и вели дека се чувствува добро.
Утрово го добив тестот, засега сум добар, немам температура и примам соодветна терапија пропишана од лекарите – вели Георгиевски за „Фокус“.
Засега не е познато дали негови соработници од администрацијата во Општина Гази Баба ќе мора да одат во самоизолација.
Во меѓувреме се чекаат резултати за состојбата на генералниот секретар на Владата, Драги Рашкоски, поради тоа што вработена во Генералниот секретаријат на Владата е заболена од Ковид-19, а во периодот пред да ги добие првите симптоми доаѓала на работа во канцеларија со 15 вработени.
Овој случај е алармантен затоа што, според извори на „Република“, во Секретаријатот не се почитуваат основните мерки – нема растојание меѓу вработените, нема маски, а ниту вработените не биле известени дека нивна колешка со која секојдневно биле во контакт е позитивна на Ковид-19.
Претходно, потврдени беа позитивните тестови на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, кој беше примен и во болница, како и на директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која е во домашна изолација.
Како што соопштија од партијата по објавувањето на резултатите на Зекири и Лукаревска, поради ризични контакти со нив во изолација беа ставени и министрите Дамјан Манчевски и Мила Царовска, советникот за односи со јавност во Владата, Марјан Забрчанец, директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми, директорот на Службен весник, Мартин Костовски.
Од СДСМ тогаш соопштија дека во изолација треба да замине и дополнителната заменичка-министер во МВР, Славјанка Петровска, но таа негираше такво нешто и непосредно потоа се појавуваше на прес-конференции ин тв емисии.