Со цел да се спречи ширење на корона вирусот во земјава, детските градинки и училиштата ќе бидат темелно дезинфицирани, најави министерот за здравство, Венко Филипче.
– Се задолжува Министерството за здравство преку Центрите за јавно здравје и во соработка со единиците за локална самоуправа да извршат дефинфекција на сите детски градинки и училишта на територијата на нашата држава – соопшти Филипче на прес-конференција во Владата.
На новинарско прашање каде да се пријави доколку некој се вратил од високоризична земја и не е во самоизилација, како и за непочитувањето на мерките од работодавците, Филипче рече дека има кол-центри на кои може луѓето да се јават.
– Неколку пати укажавме дека овие мерки важат за сите и приватни и државни институции. Во однос на тоа каде да се пријави лице кое не ги почитува мерките, тоа е бројот на Државниот трудов инспекторат, тие будно ја следат оваа ситуацијата. Апелирав и вчера да не се преполнуваат игротеките и парковите, да има оддалеченост меѓу децата, целта е секој да седи настрана, мали групи на деца е во ред – рече Филипче.