Канцероген сусам од Индија се продавал во земјава, објави Сител. Агенцијата за храна и ветеринарство во септември повлекла од промет 280 килограми кои биле уништени на депонијата Дрисла. Но од таму не даваат информации колкави количини од штетниот сусам завршиле кај потрошувачите пред да го повлечат, како и дали станува збор само за чист сусам или пак производи кои го содржат.
Но како надлежните дозволиле штетниот сусам да заврши на пазарот? Од Агенцијата за Сител велат дека тие вршат задолжителни контроли на увозните пратки но не земаат мостри од секоја пратка.
Мострите се земаат според Годишен план за земање на мостри кој се изработува за секоја година посебно.
Агенцијата за храна, врз основа на нотификации преку Системот за брзо известување за небезбедна храна и храна за животни на Европската унија или по сознанија за сомнеж за небезбеден производ, задолжително презема постапка за негово откривање, повлекување од промет и уништување.
Два месеци подоцна во Агенцијата добиле ново предупредување и направена е нова контрола во магацините на увозникот на сусам, но не се пронајдени небезбедни производи. Последното предупредување е добиено месецов и во тек е инспекциска постапка. Од Агенцијата не откриваат детали за колку пратки станува збор, колку увозници се вклучени и дали сусамот во моментов стои на рафтовите во продавниците.
Српската фитосанитарна инспекција пак не дозволи канцерогениот сусам од Индија да заврши на нивниот пазар. Србите завчера уште на граница вратиле пратка од близу 18 тони. Од таму велат дека тие редовно ги проверуваат сусамот и сусамските производи за присуство на етилен оксид. Медиумите од соседството пак известуваат дека Хрватска и другите европски земји со месеци се преплавени со контаминираниот сусам увезен од Индија.
Во земјава пак лани биле увезени над 710 тони сусам и тоа најголемиот дел од Индија.
Извор: Сител.мк