Македонија 01. јули 2019. / 15:32

Канал 5: Во петок средба на македонскиот и францускиот премиер

Канал 5: Во петок средба на македонскиот и францускиот премиер

Во рамките на конференцијата ЕУ –Западен Балкан, кон крајот на неделава во Познан, Полска, средба на премиерот Заев со неговиот француски колега Едуард Филип, дознава Канал 5 од свои извори, пишува Канал 5.

Состанок на кој што ќе се разговара за отворањето на преговорите за нашето членство во ЕУ, доаѓа по барање на Францускиот премиер. Покрај Едуард Филип, во Познан ќе бидат и лидерите на сите држави кој учествуваат во „Берлинскиот процес“, а меѓу нив секако и Германската Канцеларка Ангела Меркел. Од владата велат дека настанот во Полска ќе биде можност повторно да се лобира и да се убедат европските лидери во октомври да дадат „зелено светло“ за почеток на преговори со ЕУ.

Вчерашната изјава на Меркел дека не очекува брз прием на нови земји членки во ЕУ е очекувана, бидејќи реално ниту една земја од Западен Балкан во овој момент не е подготвена за такво нешто. Сепак од владата уште еднаш кажаа дека Македонија дефинитивно е подготвена веднаш да ги отвориме првите поглавја,

А Европа си има и свои внатрешни проблеми. По маратонска расправа од речиси 18 часа, вчера во Брисел не беше постигнат договор за наследникот на Јунекер. Дел од земјите членки биле лути што лидерите на Франција, Шпанија, Холандија и Германија во рамките на самитот Г-20 се договориле Франс Тимерманс да биде нов претседател на Европската Комисија .

Дел од конзервативните групи биле гневни поради овој предлог, а германскиот весник Де Велт напиша дека неколку лидери од ЕПП, меѓу кои и бугарскиот премиер Борисов, хрватскиот Пленковиќ, унгарскиот Орбан и ирскиот Варадкар, ја обвиниле Меркел дека недоволно ги почитува интересите на ЕПП, како и дека на самитот на Г-20 во Осака не направила доволно за нивниот кандидат Манфред Вебер.

Во меѓувреме новиот претседавач со Европската унија е Финска која од Романија го презема шестмесечното ротационо претседателство… Финска најави дека нејзината програма ќе се заснова на социјалната, економската и еколошката одржливост на Европа.