Поранешниот лидер на Неа Демократиа, Костас Караманлис во својство на премиер, во 2005 година прифатил име Македонија, тврдат од грчката партија Сириза, чиј претседател е актуелниот грчки премиер, Алексис Ципрас, пренесува МКД.МК.
Владеачката партија во Грција Сириза, пет дена пред гласањето за вонредните парламентарни избори во оваа земја, денеска објавија документ кој наводно го докажува нивното тврдење. Документот е писмо на Караманлис напишано до тогашниот американски претседател Џорџ Буш во април 2005. Во него официјална Атина се согласила за двојна формула, така што името Република Македонија – Скопје би се користело непреведено само за меѓународна употреба. Освен тоа Караманлис гарантирал дека нема да го спори терминот „македонски“, додека за јазикот прифатил воопшто да не се водат преговори.
Името што е предложено од страна на специјалниот претставник е „Република Македонија – Скопје“, кое би се користело непреведено. Ова име би се користело за сите официјални намени во рамки на системот на Обединетите Нации. Понатаму, предлогот ги повикува другите меѓународни организации, како и САД, да го користат гореспоменатото име за меѓународна официјална намена. Уставното име „Република Македонија“ ќе продолжи да се користи за внатрешна намена во рамки на ФИРОМ, што значи дека нема да има уставни измени што би можеле да имаат негативни несакани ефекти на Охридскиот договор од 2001 година, што е потребно. Овој предлог не ги задоволува нашите позиции, но ние ќе бидеме подготвени да го прифатиме како основа за решение, се вели во писмото од Караманлис до Буш.
Според грчките медиуми, со ова објавување на писмото, Сириза сака да ја докаже хипокризијата на Киријакос Мицотакис, актуелниот лидер на опозициската партија Неа демократиа, со обвинувањата дека Ципрас го „продал“ името Македонија.
Ако денес 14 години подоцна не смееме да го употребуваме името Република Македонија ниту за домашна употреба, тоа само покажува каков штетен договот потпиша Владата на СДСМ на чело со Зоран Заев и Никола Димитров.