Денеска на прес-конференција, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски соопшти дека ќе биде формирана комисија за утврдување одговорност за членовите на стручната комисија ангажирана за селекција и избор за најдобри авторски дела од конкурсот за проектот „Млади поети“, а ќе биде поведена и дисциплинска одговорност и суспензија на раководителот на Секторот млади.
Ова, како што рече Каевски, се мерките што ќе ги преземе АМС за расветлување на случајот со двете песни со недолична содржина кои беа објавени во збирката, а кои предизвикаа големо внимание во јавноста.
Каевски и денеска повтори дека надворешната тричлена комисија составена од Јовица Иванов како претседател и Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчоски имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби, иако членовите на комисијата деновиве изјавија дека нивна задача била само да одберат три најдобри песни.
Каевски изјави дека чувствува морална, но не и друг вид одговорност за објавување на збирката. Одговорноста за направениот избор и за содржината на збирката ја лоцира кај членовите на надворешната комисија, но и кај раководителот на секторот кој ќе биде суспендиран и кој ја доставил збирката до Арс Ламина.