Кабинетот на Претседателот на Македонија денеска по обвинувањата изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ за наводен судир на интереси од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, бара Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да ги провери наводите.
Од Кабинетот укажуваат и на политичка одговорност од, како што потенцираат, објавување непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на безбедносните служби на државата.
– Во однос на прес-конференцијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во која се посочува на наводен судир на интерес од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу во однос на кадровски решенија во АР – Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија ја повикува Државната комисија за спречување на корупција истите да ги провери веднаш. – се вели во реакцијата.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека Муслиу има регистрирано невладина организација „Нексус“ на домашна адреса, а претседател е неговата сопруга. Според нивните сознанија, на местото за негов помошник назначил лице кое досега било ангажирано како проектен истражувач во истата невладина.
ВМРО-ДПМНЕ истакна дека проектниот истражувач Васко Шутаров, сега станува советник за тероризам.
„Нексус“, според сознанијата на опозицоната партија, води проектни активности со градоначалници на СДСМ, работи на промоција на Пендаровски и учествува во работата на Комисијата за борба против тероризмот.