Македонија 22. септември 2019. / 08:48

Кабинетот на Димитров за „Лидер“: Министерот не бил информиран за „Рекет“ од амбасадорот на Латвија

Кабинетот на Димитров за „Лидер“: Министерот не бил информиран за „Рекет“ од амбасадорот на Латвија

Порталот „Инфомакс“ вчера објави записник за случајот „Рекет“ во кој еден бизнисмен, кој е почесен конзул на Латвија, тврди дека преку нерезидентниот амбасадор на земјата  го информирал министерот Никола Димитров дека бил рекетиран од групата на Бојан Јовановски (Боки 13), Зоран Милески Кичевец и Катица Јанева.

Во записникот, бизнисменот тврди дека откако бил рекетиран, тој пријавил кај амбасадорот на земјата во која е почесен конзул, а амбасадорот го информирал Димитров.

-Јас веќе 12 години сум почесен конзул на Латвија и за ова што ми се случува усмено го известив амбасадорот кој е нерезидентен амбасадор за Македонија, а во тоа време беше амбсадор во …. Тој го информирал министерот за надворешни работи на Република Македонија Димитров, кој преку неговиот кабинет побара да се видат со мене. Јас не остварив таква средба од причина што не сакав таков срам јавно да излезе, тоа не би било добро за целата држава. – вели бизнисменот во своето сведочење, на втората страница од записникот кој го објави „Инфомакс“.

Од „Инфомакс“ додаваат дека ова значи оти министерот Димитров бил информиран за случајот „Рекет“ и практично го прикривал делото со тоа што не го пријавил во обвинителството.

Од кабинетот на министерот Никола Димитров, за „Економски Лидер“ велат дека се работи за лажно сведочење, затоа што на средбата не се разговарало за рекет туку за нарушување на угледот на почесниот конзул. Но потврдуваат дека министерот го поканил почесниот конзул на разговор.

-Со г -нот Сарканис (н.з. амбасадор на Латвија во Македонија), МНР Димитров имал многу куса, неформална средба на прием, кога тој во земјата доаѓа во друго дипломатско својство, но на тема која нема допирна точка со аферата „Рекет“, на што впрочем укажува и датумот кога се сретнале – 18 октомври 2018 година. Тема била нарушување на угледот на почесниот конзул на Латвија што во медиумите бил споменуван како осомничен во отворена истрага. Кабинетот побара средба со почесниот конзул за да се добијат дополнителни информации, но тој немаше интерес за таква средба.– велат за „Лидер“ од кабинетот на министерот Никола Димитров.

Од тимот за односи со јавноста на министерството за надворешни работи апелираат да не се шират вакви информации.

-Апелираме веднаш да се престане со ширење на вакви лаги, кои во обид да го нападнат личниот интегритет на МНР Димитров и дигнитетот на функцијата што ја извршува, всушност ги доведуваат во прашање и државните интереси и истрагите што се во тек. – велат во одговорот од Министерството за надворешни работи.