Македонија 09. октомври 2018. / 20:29

Кабинет на Анѓушев: Сите коментари за продажба на EDS се апсолутно неосновани и неточни

Кабинет на Анѓушев: Сите коментари за продажба на EDS се апсолутно неосновани и неточни

Од кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, ги отфрлаат изјавите на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кои ги нарекуваат невистини и шпекулации, а во врска со продажбата на компанијата Energy Delivery Solution (EDS).

„Вицепремиерот Анѓушев, почитувајќи го јавниот интерес, потполно транспарентно изврши продажба на приватна компанија, изградена од нула, која успешно функционира со години во 9 земји и притоа јавноста беше информирана и за прецизниот износ за кој компанијата е продадена. Воедно, би сакале повторно да ја информираме јавноста и да го потсетиме ВМРО-ДПМНЕ дека пред да биде извршена продажбата на компанијата три реномирани меѓународни ревизорски куќи (Ernst & Young, Baker Tilly, Grant Thornton) извршија ревизија на работата на компанијата, по што беше формирана цената за продажба.

Сите коментари за продажба на EDS што се врзуваат во политички контекст се апсолутно неосновани и неточни, додаваат од кабинетот на Анѓушев.

„Крајно несериозно е ВМРО-ДПМНЕ, која се смета за сериозна партија, да се повикува на непотврдени и неофицијални информации од извори, кои притоа и не ги именува, истите да ги претставува како факти и со таква леснотија да изнесува невистини и шпекулации при што е очигледен обидот да се наруши личниот углед на вицепремиерот, но и на компанијата“, реагираат од кабинетот.