Сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче Ременски одговори на обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека треба да си поднесе оставка од неговото работно место во УБК.
Ременски им порача дека тој не е функционер, туку веќе 28 години е дел од професионалниот состав на македонската полиција.
– Ало Телетабиси, за да на некој му барате да даде оставка треба прво да е на функција.
Јовче Ременски не е именувано лице на функција, туку е дел од професионалниот состав на македонската полиција цели 24 години активен стаж, без прекин ниту еден ден, и 4 години учеше за полицаец во Средното Полициско Училиште “Елисие Поповски Марко викан Шпанец” во учебната 1990-1991 година.
Тоа значи дека цели 28 години сум во составот на македонската полиција, односно во Службата за Државна Безбедност и МВР на различни позиции во зависност од потребата на службата и работата и работните задачи од витален интерес за Државата и тоа во професионалниот состав.
Затоа не ви држи пропагандната теза да барате оставка од некој кој не функционер, а вие сметате дека е. – напиша сопругот на пратеничката.

Ременски посочи дека тој е помошник директор во Управата за безбедност и контраразузнавање, но таа позиција ја добил како професионалец, што значи не бил именуван.
– Тој што ве брифирал требало да ви каже дека работната позиција на Ременски во моментов е Помошник Директор во УБК и не е именуван функционер, туку е од професионален состав на службата која постои и не се именува од Влада или Собрание.
За 6 години по сила на закон, одам во пензија и никогаш не потклекнав на политички притисоци и не извршува никакви партиски наредби.
Тоа е проблемот на сите вистински професионалци на сите политички партии. Се додека некои не научат дека полицијата и безбедноста не се гола политика, ќе имаат проблем со луѓето како Ременски. – напиша Ременски.
Инаку претходно ВМРО-ДПМНЕ го обвини Ременски дека е креаторот на фалсификуваните службени белешки со кои се вршеше политички прогон и со кои неосновано се испраќаа во притвор политичките неистомисленици. Од опозициската партија се сомневаат дека сопругот на Фросина Ременски беше незаконски унапреден за седум скали нагоре само заради нејзиниот и неговиот политички ангажман и побараа оставка и од двајцата.