Зоран Заев остана сам во своите ставови и барања како политичар со намера да жртвува човечки животи, за да си ја продолжи партиската кариера!, рече на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Според него, нервозата кај заев е очигледна, бидејќи, како што вели, тој знае дека губи, посакува среде најголемата жестина на смртоносната епидемија да организира некредибилни криминогени избори со мала излезност, за кои, дури и неговите сопартијци знаат дека кризата не е намалена и дека со тоа би се довеле во опасност граѓаните.
-Ниту еден од условите за одржување на кредибилни избори не се исполнети! Заев не ги почитува ниту мислењата од ДИК, ниту од меѓународните набљудувачки мисии, ниту ги почитува релевантните медицински препораки. Без анализа и без реални параметри колку изборниот процес ќе предизвика нови жртви, нови заболени, без грижа за директно вклучените, гласачи, кандидати, членови на избирачки одбори, набљудувачи и итн, рече Јанушев.
Тој појасни дека 54 изборни процеси во светот, од кои 21 во Европа се одложени, а дека само Заев сака избори сега!
-Тоа повеќе не е ниту хибриден режим, тоа е болен авторитаризам!, рече Јанушев.
Тој потврди дека избори во јуни нема да има. А, дека истите ќе се случат кога ќе се намали односно ќе се нормализира здравствената криза, кога ќе се извршат вистински тестирања кои нема да покажуваат толку голем број на новозаразени.
-Ќе има избори кога нема да биде загрозено здравјето на граѓаните. Сите релевантни здравствени показатели велат дека тоа ќе се случи кон крајот на летото, потенцира Јанушев.