Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се поочигледно е дека се плаши од испитување на потеклото на имотот на бизнис империјата кој ја поседува тој и неговото семејство.
За стравот кој го има Заев од испитување на неговото потекло вчера преку прес-конференција потенцираше и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.
-СДСМ и Зоран Заев се пречка за остварување на правдата во Република Македонија. Аболираниот Зоран Заев подготвува терен за своја идна амнестија од Пендаровски. Зоран Заев станува заштитник на принципот на амнестија, и се плаши од испитувањето на потекло на имотот на политичарите, изјави вчера на прес конференција Игор Јанушев кој додаде дека затоа Заев е должен пред граѓаните на Република Македонија да одговори на неколку прашања:
„Зошто не го прифаќа барањето амнестијата да не важи за политичари и носители на функции, и амнестираните да не смеат да се занимаваат со политика? Од што се плаши Зоран Заев да прифати закон за испитување на потекло на имотот на политичарите? Дали стравот од пораз на следните избори кои ќе значат крај на неговата политичка кариера е причината зошто не го прифаќа предлогот однапред да се знае кој ќе биде кандидат за мандатар на новата влада. Дали тоа значи дека Заев грчевито се бори да биде заштитен од пратеничкиот имунитет? Зошто Заев не сака поразениот на изборите да се соочи со одговорност за катастрофалните политики и за престапите пред законите и граѓаните?“
-Потребни се одговори. На политичарите чии политики се поразени од народот местото не им е во политиката. На 12-ти април доаѓаат промените и обновата на Македонија. А од 13-ти април доаѓа и одговорноста за политичарите кои го изневериле народот и ги прекршиле законите, потенцираше Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ неодамна потврди дека Заев има јавен или сокриен удел во најмалку 12 семејни компании од бизнис со производство на ајвар па се до транспорт и бизнис со марихуана.
„Бараме и очекуваме, Зоран Заев како лидер на СДСМ и премиер на Република Македонија суштински да се оттргне и да се отуѓи за почеток од: Фарма Медика, Тргопродукт, Мамас Фуд, Омни Градба, Центроштепед, Тотал електроник, Еленица, Пеон, Сара Јавор, Тотал Инженеринг, Сара Инженеринг, Дравас Инженеринг, Електро Инженеринг.
Ова се само дел од компаниите во сопственост на кланот Заеви, а имајќи го предвид имотниот лист и изјавите на Заев дека живеат во заедница со братот и родителите, неговото учество и удел во бизнисот додека е избран функционер е и повеќе од суштинско“, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во анкетниот лист на Заев нема удели на негово име
Во анкетниот лист на Заев, нема удели на негово име, но на име на родителите пријавил акции.
Иако во анкетниот лист Заев не пријавил на свое име ниту недвижен имот ниту автомобил, фактите се сосема поинакви.
Богатството и имотите на Заев во Грција беше предмет на интерес на бугарските медиуми дури и минатата година.
Додека во Атина врие на протестите против употребата на терминот „Македонија“ во името на нашата земја, а помеѓу два протеста посредникот Нимиц го посети и Скопје, за бугарските медиуми е најинтересна куќата на премиерот Зоран Заев на Халкидики- во туристичкото место Неа Мудања, пишуваат бугарските медиуми.
Он-лајн изданијата на позвучните „Труд“,“ Монитор“, а и другите пишуваат дека луксузната куќа на Заев чинела 100 илјади евра, но истовремено пренесуваат анализи и од грчките медиуми и брокерски агенции- кои пак тврдат дека вилата на македонскиот премиер е многу поскапа од наведената сума- односно дека чини 300 илјади евра.
Според грчките проценки, куќа на прв ред, веднаш до морето, со три спрата не може да биде само 100 илјади евра.
Во куќата, според медиумите чести гости на Заев биле политичари од Скопје и Косово, како и познати бизнисмени од земјава и странство.