Македонија 31. октомври 2018. / 21:47

Јанчев вели дека имало потенцијал за промена на Мицкоски

Јанчев вели дека имало потенцијал за промена на Мицкоски

Поранешниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев изјави дека постои потенцијал за смена на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, и не исклучува можност да се кандидира за лидер на партијата.

-Не е сјајно во партијата. Мое лично мислење е дека во ВМРО-ДПМНЕ не постои човек кој би направил пуч. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ или јас тоа би го побарале на транспарантен и отворен начин од Мицкоски. Има потенцијали за смена, кои можат да понудат своја програма, но нема човек што тоа би го направил зад грб– рече Јанчев во интервју во „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Јанчев изјави дека ако има нареден конгрес и формира тим со кој добро би менаџирал и доколку направи нов полиберален и подемократски партиски статут и понуди добра програма што би ги задоволило барањата на поголем дел од членството, тој би се кандидирал за прв човек на партијата.

Тој демантираше дека учествувал во какви било убедувања или притисоци кон пратеници за да гласаат за пристапување кон измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа.

Според него, лажна е теоријата дека некој сакал да направи пуч и да го смени претседателот и раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

За последните оставки во партијата, вели дека не верува дека луѓе како Даниела Рангелова и Лука Кржалоски работат по некоја директива.

Јанчев рече дека заканите кон него и за членови на неговото семејство започнале пред референдумот кога се изјаснил дека ќе гласа против. Заканите ги третира како политички притисоци.

– Мислам дека крајот е веќе дојден и дека ќе заврши тој процес. Ќе видиме и дека сите луѓе кои беа и се во ВМРО-ДПМНЕ и имаа сличен или различен став од оној што беше донесен на Извршниот комитет, добиваат речиси исти пораки или закани – рече Јанчев.