Македонија 17. јануари 2020. / 21:14

Јачева-Улчар: Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик има повеќе општи отколку обврзувачки одредби

Јачева-Улчар: Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик има повеќе општи отколку обврзувачки одредби

Предложениот закон за употреба на македонскиот јазик има повеќе општи отколку обврзувачки одредби. Примената на јазикот не се нормира, а инспекциските служби нема да имаат надлежност да казнуваат туку само да помагаат во правилната употреба, вели професорката Елка Јачева–Улчар во интервју за телевизија „Алфа“.

Според Јачева–Улчар, законот навлегува во автономијата на универзитетите и предложеното решение се прави според законите кои ја третираат употребата на другите јазици. Таа подвлекува дека законски мора да се регулира и употребата на топонимите на македонски јазик, како и изучувањето на македонскиот јазик од прво одделение за сите етнички заедници.

Според предлог–законот на сите универзитети во државата, минимум два семестри треба да се изучува македонскиот јазик, треба да се создаде електронска база на научни истражувања за јазикот, да се отворат нови и да се возобноват старите лекторати во странство, а во нашите амбасади низ светот да се овозможи изучување на македонски јазик за сите странци.