Македонија 26. март 2019. / 10:50

ИВЗ не поднела ниту една завршна сметка спрема државата од 2006 година

ИВЗ не поднела ниту една завршна сметка спрема државата од 2006 година

УЈП веќе неколку месеци се обидува да продре во ИВЗ и да види дали, како и колку оваа верска заедница работела законски. Според податоците од Централниот регистар, ИВЗ не поднела ниту една завршна сметка од 2006 година, пишува Независен.

Ве известуваме дека Управата за јавни приходи во моментов прави анализа на сите документи што ги доби од други институции со цел да ја утврди фактичката состојба во ИВЗ. Нашите инспектори комуницираат исклучиво со лицата што се задолжени за финансиското и сметководственото работење, независно за каков даночен обврзник станува збор, велат од УЈП за „Независен весник“.

Оттаму нагласуваат дека не смеат да даваат информации околу истрагата бидејќи станувало збор за даночна тајна.

Аналитичарот Роберт Несими препознава политичка заднина во заканите на ИВЗ токму сега пред изборите да расчистува „криви дрини“ со Владата и тоа за процеси што траат со години и не претрпеа драстични промени изминатиов период.

Тоа е наместена кавга и тоа од страна на ДУИ и власта во целина. Тие гледаат дека Блерим Река, кандидатот за претседател, кој е поддржан од партиите на Зијадин Села и на Билал Касами, секојдневно го окупира просторот во албанските медиуми и меѓу Албанците, па сега се обидува да го стави во втор план. Смислуваат други теми за да го одвлечат вниманието. ИВЗ има одлични односи со ДУИ, па дури и со СДСМ, така што само наивните можат да поверуваат дека на кој било начин ќе се обиде да ѝ наштети на владејачката коалиција, особено пред претседателските избори, анализира Несими.