Петар Богојески е заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предводниците на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Во неговите јавни излагања овој млад политичар нема влакна на јазикот и многумина знаат да го окарактеризираат како контроверзен, затоа што уште од времето на Никола Груевски, многу често знаеше да искаже став различен од оној на својата матична партија.
Сепак, за разлика од многу други, Богојески никогаш не ја напушти ВМРО-ДПМНЕ и своите залагања сака да ги реализира токму преку оваа партија. Во интервјуто за Економски Лидер, на пишувањата на провладините медиуми дека реформаторите по конгресот ќе бараат промена на Мицкоски, заменик генерален секретар Богојески одговара дека тие не учествуваат во дворските игри во белата палата.
разговара: Љупчо Златев
Вие сте долги години активен во политиката, но на пошироката јавност и станавте познат по активирањето на иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Оваа иницијатива собра многу од долгогодишните активисти на вашата партија, но имаше и жестоки противници. Сега сте интегрирани во структурите на партијата. Дали со стапувањето на функции вашата иницијатива ја заврши својата мисија или реформите во ВМРО-ДПМНЕ допрва доаѓаат?
Реформите се постојан процес, кој никогаш не запира. Во овој момент можам само да констатирам дека сеуште сме во почетна фаза на спроведување на неколкуте приоритети кои ги усогласивме со новото раководство на партијата, а беа заложба на Внатрепартиската Иницијатива за реформи во партијата. Тука пред се мислам на новите политики и внатрепартиски практики на управување со органите и телата на партијата.
Поради вашите јасно изнесени ставови, многумина ви забележуваат, а има и такви кои ве прогласуваат за предавник поради вашите позиции. Како ќе им одговорите?
Прекрасно е чувството кога „патриотите“ ме прогласуваат за платен соросоид и предавник, а од друга страна „шарените“ за платеник на мафијата и предавник. За жал и едни и други се на исто разочарувачко ниво на поимање на демократијата. Она кое е значајно е мотивот зошто го прават тоа. Мотивот е стравот кој го чувствуваат во себе си поради појава на ликови како нас, кои не се плашиме да го искажеме своето мислење, а тоа е нешто ново и различно од нив. Сакам само да ги известам да немаат грижа, ние не сме инквизиција, ние не им посакуваме ништо лошо, без разлика што дел од нив се сеуште „лојални“ на поранешниот лидер. Напротив, јас лично им простувам за сите неправди и навреди кои ги извршија врз мене и посакувам овој стил на „егзекутирање“ на луѓето со различно мислење од нашето, да биде далечно минато.
Вашата партија донесе став дека секој треба да постапи за референдумот онака како што мисли дека е најдобро. Во ВМРО-ДПМНЕ има бојкотирачи, има малкумина кои би гласале „За“, а вие на социјалните мрежи повикувате на гласање „Против“. Со оглед на тоа што власта во прашањето ги стави ЕУ и НАТО, дали ова значи дека вие сте против интеграција во овие две организации? Затоа што многумина велат дека бојкотираат затоа што се за влез во ЕУ и НАТО но против промена на името…
Референдумското прашање е повеќезначно, но за мене кристално јасно. Гласаме за зелен или црвен картон за „Преспанскиот договор“, а не за ЕУ и НАТО. Тој договор не постои поради барање на ЕУ и НАТО, туку поради тоа што Грција има проблем со нашето современо постоење како нација и држава и во ООН сме евидентирани како „условена држава“. Условот за да продолжиме да постоиме како секоја нормална држава е да го затвориме прашањето со Грција. На маса за разгледување имаме едно решение, кое за мене не е одржливо решение во потребен временски период до влез на РМ во ЕУ. Имам објавено повеќе аргументи за тој мој став, но мора да ја прифатиме легитимната определба да се гласа против. Бојкотот е лоша одлука на поединци, кои не се на ниво на историската одлука која ни претстои и кои не може да разберат дека преку тој бојкот, дирекно и прават услуга на Владата на СДСМ да го протне Договорот низ институциите. Некој ќе каже дека целта ми е предавничка, со намера да обезбедам цензус за да помине референдумот. Јас ќе одговорам, добро да проверат дали на власта воопшто и треба цензус, кога е јасно дека планираат да промовираат успешно изјаснување со 51% од „заинтересираните“ граѓани за иднината на РМ, а легитимитет за тоа бараат од програмата на нашата партија, која во друг контекст од минатото имала таков сличен став. Очекувам да излеземе во огромен број на овој референдум и грмогласно да го кажеме нашиот став за неприфаќање на овој договор. Јас во интерес на иднината на нашата татковина, само ќе истакнам дека на Македонија не и треба цензус, туку консензус помеѓу сите политички партии.
Во провладиниот весник “Слободен Печат” излезе информација дека по референдумот во ВМРО-ДПМНЕ ќе се организира конгрес на кој реформаторите и дел од пратеничката група ќе побараат смена од Мицкоски. Има ли нешто точно во оваа информација? Дали сега реформаторите ќе го рушат Мицкоски како што го рушеа Груевски?
Внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО ДПМНЕ промовираше принципи и вредности за вистинско практикување на демократија во партискиот живот, а не рушење на било кого. Секако дека сме горди на тоа и продолжуваме и во иднина да се однесуваме согласно таа идеја која не обединува и желбата истата да ја преточиме во дело. Дворските игри од мермерната Палата не се во наш фокус, ниту дел од нашето поведение.
Има ли во ВМРО-ДПМНЕ руско влијание и како ќе ја оцените позицијата на претседателот Мицкоски и раковотството во однос на Евроатланските интеграции?
За жал минатото остави длабоки траги врз денешнината. „Личната војна“ на Груевски со западниот свет базирана на неговата имагинација, а не на реални основи, само ги отвори портите за таков тип на страни влијанија врз дел од нашите членови. Очекувам како поминува времето, тоа да станува далечно минато и да се заборави. Евро – атлантската перспектива на Македонија е без алтернатива, а во таа насока очекувам да нема дилеми кај Претседателот Мицковски. Јас често знам да истакнам дека се што правиме, треба да биде нешто во кое искрено веруваме и никако не смееме да избегаме од себе си. Но за тоа да сме подготвени да си ја преземеме и одговорноста, доколку нашите верувања се покажат за погрешни. Во таа смисла, верувам дека се што прави денес Мицковски е нешто во кое тој искрено верува. Тоа го респектирам како индивидуално право на секој човек, па и на партиски лидер.
Кој ќе биде најголем победник ако референдумот не успее и не се исполни цензусот од над 900.000 гласови?
Што и да се случи, јас верувам и посакувам Македонија да победи. Политичките партии и ние поединците сме целосно неважни во вакви процеси.
Претседателот Иванов најави дека тој нема да гласа на референдумот. Дали тоа е државнички потег кој доликува не неговата функција?
Имам личен став да не го коментирам Претседателот Иванов, особено не во јавноста. Останувам на истиот.
Нашиот медиум откри неколку крупни корупциски скандали на владата и на високи функционери на владејачката СДСМ. Како ќе ја оцените работата на власта? Дали референдумот е сламка за спас од нивната корупција?
Искрено се надевам дека Вашиот пример ќе го следат и други Ваши колеги, и сите медиуми во РМ ќе бидете вистински контролор на работењето на Владата. Ако давам оценка со еден збор за работата на Владата, ќе кажам само некапацитетна да се носи до предизвиците. Со чесни исклучоци, јас како граѓанин не гледам причина за оваа Влада да продолжи да ја управува македонската Република.
Кој е вашиот став за СЈО и постапките кои ги водат. Дали набавката на државен Мерцедес во кој се возеа Столтемберг, Меркел и Курц е огромната корпуција поради која меѓународниот фактор со години ја критикуваше власта на Груевски?
Мојот став за СЈО останува непроменет од оној кој го истакнувавме сите ние од периодот кога ја промовиравме ВИ за реформи во ВМРО ДПМНЕ. Се сомневам дека има причини поради кои СЈО не ја оправда причината за своето постоење. Јас мислам дека треба да имаме поинакво СЈО во РМ, со полни овластувања да се справува со криминал на „високо ниво“, без ограничен мандат, да биде редовна постојана институција на Републиката.
Што мислите, зошто никој во државава не отвора постапки против функионерите на ДУИ? Ниту за прериод на претходната, ниту за време на оваа власт.
Па има две можности. Или ДУИ се апсолутно „чисти“ во своето работење или се недопирливи за органите на прогонот. Секако не сум убеден во првата можност.
Вие сте еден од ретките јасно профилирани идеолошки десничари во Македонија. Која е иднината на десницата во Европа според вас?
Очекувам огромни потреси во „Европската десница“ по повлекување на Канцеларката Меркел од политичката сцена. Концептот на христијан – демократијата ќе биде изложен на сериозен испит, со цел да ја зачува централната улога во десниот простор на политичката сцена. Не очекувам пораст на старите конзервативни и реформски движења, туку појава на нов тип на „современ национализам“ како рефлексија на бегалската криза. ВМРО ДПМНЕ е добро поставена во тој простор како членка на ЕНП, но внимателно треба да се држиме на дистанца со веќе промовираните такви никулци на ново разбирање на европските десничарски вредности. Ние сме конзервативна партија, а нашиот христијан – демократски карактер не треба да биде пречка за муслиманската популација во Македонија да ни се приклучи во борбата за зачувување на традиционалните вредности во македонското општество.