Македонија 20. октомври 2020. / 17:49

Исполнети и последните места на инфективните одделенија во Струмица и Штип

Исполнети и последните места на инфективните одделенија во Струмица и Штип

Инфективното одделение во штипската Клиничка болница е исполнето до последниот кревет. Со истиот проблем се соочува и струмичката болница каде се лекуваат Ковид-пациенти.

Директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека во моментов на Одделението се хоспитализирани 55 пациенти, од речиси сите општини од источниот регион на земјава.

-Почнавме со препраќање на пациентите во кочанската болница, бидејќи кај нас нема слободни болнички кревети. Може да се случи, во текот на овие денови и пациенти од Штип да бидат испратени на болничко лекување во болницата во Кочани – изјави Ѓеорѓијев.

Тој истакнува дека 10 пациенти инфицирани со корона вирусот се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка.

Директорот на струмичката болницата, Наќе Гогов, информира дека сите 39 кревети наменети за лекување на Ковид-пациенти во струмичката болница се полни, а секојдневно на амбулантско лекување доаѓаат и дваесетина пациенти со полесна клиничка слика.

-Капацитетот на Инфективното одделение од 20 кревети од порано е исполнет, а од вчера и ковид центарот со капацитет од 19 кревети е полн. Засега успеваме со нашите ресурси да одговориме на потребите на пациентите, но доколку и понатаму продолжи трендот на зголемене број на новозаразени ќе мораме да ги прошируваме капацитетите – вели Гогов.

Поради недостиг од медициски персонал деновиве раководството на болницата побарало од ресорното министерство да дозволи распоредување на дополнителни десет лекари од други болници во државата и прием на шест медицински сестри.

-Доколку нема средства за прием на нови сестри, тогаш да ни дозволат да ги ангажираме со договор на дело за да можеме да функционираме – додава Гогов.

Досега на подрачјето кое го покрива Центарот за јавно здравје во Струмица, се регистрирани 558 лица со Ковид-19, а во моментов активни се 358 случаи на различна возраст.