Македонија 23. мај 2019. / 14:53

Интервју на „Лидер” со Здравко Савески: Метлата треба да го зафати прво самиот Заев

Интервју на „Лидер” со Здравко Савески: Метлата треба да го зафати прво самиот Заев

Политичкиот активист, основач на партијата Левица и доктор по политички науки, Здравко Савески во интервју за „Лидер” зборува за разочараноста од новата власт, која дојде по Шарената револуција.

Онаму каде што застана ВМРО-ДПМНЕ продолжи СДСМ, смета Савески и побара оставка од сите шарени пратеници. Тој смета дека работничките права се загрозени во многу сфери, но сепак верува дека во Македонија можни се автентични протести.

Савески зборува и за актуелните политички случувања. Деновиве се почесто јавноста се прашува кога ќе заигра т.н. метла. Савески смета дека таа треба прво да го зафати премиерот Зоран Заев.

Шарената револуција ја донесе на власт новата политичка гарнитура, но се чини дека од неа не испрофитираа големите „борци”. Во желбата за промени, дали Вие како еден од истакнатите „борци” во револуцијата сте задоволни од раководењето на актуелната власт со државата? Дали ова е таа правда за која немаше мир?

Шарената не беше револуција. Таа имаше скромни барања, прескромни за да се нарекува револуција. Но, и тие прескромни барања не се исполнети од сегашната владејачка гарнитура, која најмногу профитира од Шарената. Фотелјаштво, тендераштво, вработување партиски војници и роднини, неработа, непринципиелни дилови зад кулисите. Онаму каде што застана ВМРО-ДПМНЕ продолжи СДСМ.

За сето тоа луѓето кои протестираа во Шарената, а не беа партиски војници на СДСМ, не се бореа. И оттаму големото разочарување од „новата“ власт.

По случајот на Павле Богоевски, не застанавте во негова одбрана. Напротив рековте дека тој уште одамна трбало за си поднесе оставка. Што требаше да испорача Боговески а заборави кога седна во пратеничката фотеља?

Јас во повеќе наврати критички се произнесов за однесувањето на шарените пратеници во Собранието, така што тоа што и јас барам од Богоевски, но и од Ивана Туфекчиќ и Ирена Стефоска, да поднесат оставка, е само надоврзување на моите претходни ставови на таа тема.

Богоевски тврдеше дека се залага за одговорност од носителите на јавни функции. Сега ја има приликата да докаже, во врска со неговата афера, дека тоа за него не е само празна реторика за напад на политичкиот противник, туку принцип во кој верува. Но, и без оваа афера, сите тројца шарени функционери во Собранието крајно време е да поднесат оставки, зашто ги изневерија очекувањата на оние учесници во Шарената кои гласаа за нив, мислејќи дека ќе бидат поразлични од останатите партиски војници во Собранието.

Конкретно, сите тројца не придонесоа Собранието да престане да биде продолжена рака на Владата. Имаа само еден обид да го спречат воведувањето на заменици директори на јавните претпријатија, но тоа не е доволно. Соучествуваа во поткопувањето на владеењето на правото преку гласање за измени на Кривичниот законик, овозможувајќи конкретни лица да ја избегнат законската казна. Не побараа одговорност од никого поради бегството на Никола Груевски. Севкупно, се сведоа на статисти во Собранието. Ако немаат волја или храброст да ја критикуваат власта за злоупотребите што ги прави, единствената достојна опција е – оставката.

Како еден од основачите на Левица и партија која се бори за левичарското движење, доведени сте во ситуација да се докажувате чија е партијата. Чија е вината за расколот во партијата и во чиј интерес е да пропадне оваа партија која многу ветувше?

Левица е формирана како различна партија од сите други. Не само како единствена левичарска партија помеѓу 50-те други, туку и како единствена партија која се раководи од принципите, а не од личниот интерес. Некои наши поранешни другари доживеаја морален пад и го заборавија тоа. Жално беше да се гледа нивниот морален пад, иако тоа воопшто не ги оправдува.

Во интерес и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ е да нема партија која ќе води самостојна политика врз принципиелни основи и во интерес не на крупниот капитал, туку во интерес на обичниот народ што е принуден да го крпи животот. Лицата кои извршија пуч во Левица од неа сакаат да направат пајтон-партија на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа стана јасно со нивната поддршка за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори. Но, до нас е да не дозволиме тие лица и понатаму да ја срамат Левица и левичарското движење воопшто.

Се погласно се борите за правата на работниците, а се повеќе тие се кршат и злоупотребуваат. Зошто македонскиот народ пред се бира пикник и скара наместо протест и правда?

Се наоѓаме во период на демобилизација, предизвикана од големото разочарување кај граѓаните од оние што седнаа на фотелјите. И тоа ги тера да гледаат со недоверба кон протестите, кон оние што ги организираат и кон ефектите од нив. Дополнително, тука го имате и чувството на лична немоќ да се променат работите, како и очекувањето кај многумина некој друг да се избори за нивните работнички права, а тие по можност да седат со скрстени раце. Мора да го надминеме тој менталитет. Не постои борба за работнички права која не ги вклучува работниците, мора да се поврати вербата во колективната акција и солидарноста, мора повеќе да се верува дека борбата може да биде успешна. Засега, единствениот спас се гледа во иселувањето. Но, нема да можеме сите да се иселиме. Тие што ќе останат ќе мора да се соочат со алтернативата, или и понатаму да се задоволуваат со трошките што им ги фрлаат или да се ангажираат и самите во борбата за пристоен живот.

Според Вас, во која сфера најмногу се загрозени работничките права? За што најитно треба да се избориме?

Многу се сферите. Речиси на секое поле и во секој сектор има намалување и кршење на работничките права. Кај нас отприлика на секој 10-ти ден загинува работник. Што повеќе да се каже од тоа? Голем дел од оние што го губат животот, здравјето, што доживуваат повреди на работното место тоа им го должат на гладот за профит на газдите.
Власта е во процес на изготвување нов Закон за работни односи. Дали тој повторно ќе биде на штета на работниците или ќе се искористи приликата да се повратат барем некои од загубените права, зависи и од притисокот на работниците. Она што особено сметам дека треба да се промени е да се намали должината на договорите на определено време, од 5 на 1 година, за да се спречат злоупотребите што се прават во врска со нив, исплатата на платите да биде до 5-от ден во следниот месец, а не до 15-от ден, а треба и да се ослободи правото на штрајк. Во моментов правото на штрајк е регулирано преку неверојатни 27 закони. И секогаш кога работниците ќе се одважат да го кренат гласот, тие законски одредби ги спречуваат да ги остварат правата. За да имаат работниците каква било реална шанса да се изборат за своите права, правото на штрајк мора да се ослободи од законските стеги.

Колку оваа Влада се грижи за работничката класа во државата? Може ли министрите од економско-финасискиот сектор да добијат преодна оценка?

Фрла трошки како и претходната. Големиот проблем е во тоа што луѓето во голема мера се толку отепани и толку лесно се задоволуваат со малку што на власта, која и да е, лесно ѝ успева преку фрлање трошки да наоѓа изговор дека нешто прави. Додека истовремено им овозможуваат на капиталистите непречено да остваруваат високи профити преку тендери, концесии, поволни законски одредби и мижење на институциите.

Не дека сите министри од економскиот сектор на оваа влада се оперирани од чувство за социјална правда. Но, секој нивни посериозен обид за посуштинска реформа во корист на обичниот народ е блокиран од вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој е претставник на крупниот капитал во Владата. И самото тоа многу јасно зборува на чија страна е власта, наводно предводена од партија со социјалдемократска идеологија. Крупниот капитал има вицепремиер во неа, човек што го кажува финалниот збор за се’ поврзано со економијата, а синдикатите немаат ниту заменик-министер за труд и социјална политика.

Според Вас, кого прв треба да ја зафати најавената метла на премиерот Заев и зошто?

Метлата треба да го зафати прво самиот Заев. Граѓаните се задоволни од неговото владеење, сите други не чинат, а тој чини? Целата фама околу метлата почива на таа претпоставка и оштрицата на критиката поради тоа е застапена. Мислам дека таа долго најавувана „операција метла“ повеќе ќе биде симболична и повеќе ќе биде расчистување и казнување на партиските кадри заради недоволен ангажман за партијата наместо реално справување со злоупотребувачите на функциите, неработниците и некадарните. Тоа ќе биде ново разочарување за оние наши сограѓани кои заради метлата го дадоа гласот за СДСМ-ДУИ на изборите.

Може ли во РСМ да се одржи протест без партиска позадина и контрола?

Да, може и во Македонија да има автентични протести. Ги имаше и досега, може да ги има и понатаму. Но, за тоа многу важно е да се извлечат поуките. А првата поука: заедничкиот фронт со клиентелистичките и бизнис партиите (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ) ги разводнува барањата на протестите и неизбежно води до нивно искористување за едни фотелјаши да се заменат со други.