Македонија 27. ноември 2018. / 12:57

Интервју на „Лидер“ со Томислав Тунтев: Нема да го напуштам Собранието кога сум најпотребен!

Интервју на „Лидер“ со Томислав Тунтев: Нема да го напуштам Собранието кога сум најпотребен!

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, во интервју за „Економски Лидер“ не негира дека си заминува од законодавниот дом, но вели тоа ќе биде во моментот кога реализацијата на целата постапка за промена на Уставот ќе биде во финална фаза и кога ќе бидат разрешени сите дилеми и отворени прашања.

За позицијата директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, кокурирал затоа што смета дека е стручен и квалификуван во областа на воздухопловството. Нема информации дека неговото име е во игра за реконструкција на Владата и како можен министер за транспорт и врски. Смета дека цената што Македонија ја плаќа во процесот, преку Договорот со Грција е висока.

Во моменти кога Собранието испишува историја, вашето име се јавува во фокусот на вниманието. Според предвиденото, нацрт амандманите на Уставот во сабота се на дневен ред и се гласаат со просто мнозинство, целата процедура за измени на Уставот треба да заврши во јануари. Во меѓувреме Вие сте еден од 8-те апликанти за нов директор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба. Дали ќе го напуштите законодавниот дом, во моменти кога како координатор сте најпотребен?

Собранието испишуваше историја и пред јас да станам пратеник, ја испишува и сега, и ќе ја испишува и кога нема да бидам пратеник. Сметам дека сум исклучително привилегиран што сум дел од овој парламентарен состав, кој во изминатиов период, а и во периодот што следува, убеден сум дека ќе ја испише современата историја на Македонија.

На почетокот на декември не чека заокружување на втората фаза од процесот за уставни промени кои, како што е познато, треба да го отворат патот на Македонија за зачленување во НАТО и почеток на преговорите во Европската унија. Убеден сум дека процесот кон средината на јануари ќе заврши успешно, а ние како држава ќе ја зграпчиме можноста што успеавме изминатиов период да ја создадеме и Македонија забрзано да чекори напред, кон европското семејство.

Јас нема да го напуштам Законодавниот дом во моменти кога сум најпотребен како координатор. Доколку бидам избран за нов директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), од Собранието ќе заминам во моментот кога реализацијата на целата постапка ќе биде во финална фаза и кога ќе бидат разрешени сите дилеми и отворени прашања.

Но, морам да нагласам дека, колку што ми е мене познато, на конкурсот се пријавени повеќе кандидати, а конечниот избор и именувањето од страна на УО на АЦВ се уште официјално не се завршени. Покрај тоа, мандатот на сегашниот директор на АЦВ, согласно позитивните законски прописи, трае до почетокот на следната година. Според тоа, со оглед на важноста и значењето на претстојните активности во Собранието, во периодот што следува јас сум целосно посветен и ангажиран како пратеник и како координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата. Во овој период, тоа за мене и за мојот професионален ангажман претставува највисок приоритет.

Сметате ли дека доволно одработивте како народен избраник и заслугата треба да ја добиете на повисока функција?

Ниту директорската функција во АЦВ е повисока, ниту јас би ја добил како некаква заслуга за тоа што сум го одработил како пратеник. За позицијата во АЦВ конкурирав на јавно објавен оглас, бидејќи сметам дека сум стручен и квалификуван во областа на воздухопловството, односно дека ги исполнувам сите потребни и законски дефинирани услови и критериуми, како врз основа на образованието што го имам, така и врз основа на моето професионално искуство.

Само за појаснување, јас во сферата на воздухопловството, прво во ЈПАУ „Македонија“ – Скопје, а потоа и во ТАВ Македонија, на охридскиот аеродром професионално сум ангажиран од 1991 година. Почнувајќи како Самостоен референт за план и развој, потоа како Раководител на сообраќај и безбедност, па како Помошник-директор, па како Директор на Секторот за сообраќај, за на крајот да бидам Менаџер за прифаќање и испраќање воздухоплови, патници, багаж, стоки и пошта. Истовремено, повеќе од 15 години бев вклучен како насловен доцент, стручен соработник и експерт во високото образование, на Сообраќајниот отсек на Техничкиот факултет во Битола.

Во однос на моето стекнато образование, јас сум првиот дипломиран инженер за воздушен сообраќај во Република Македонија, прв магистер во оваа област, а исто така и прв доктор на науки во областа на воздухопловството во нашата држава. Дипломирав на Сообраќајниот факултет на Универзитетот во Белград, на Катедрата за аеродороми и безбедност во воздушниот сообраќај, како најдобар студент во генерацијата, а магистерските и докторските студии ги завршив на Техничкиот факултет во Битола. Имам напишано и публикувано повеќе десетици прирачници, учебници, монографии и научни трудови за различни проблематики во областа на воздуховпловството, а истовремено сум автор на голем број интерни стручни документи од сферата на одвивањето на сообраќајот на аеродромите, аеродромската инфраструктура и оперативната безбедност во воздушниот сообраќај.

Од тие причини, доколку бидам избран и именуван за директор на АЦВ, убеден сум дека тоа ќе биде исклучиво поради мојата стручност, знаење и искуство.

Јавноста веќе подолго време ја очекува реконструкцијата на Владата. Вашето име и тука е во игра. Вие се јавувате како најсериозен кандидат за смена на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Колку има вистина во ова?

За ваква или за слична можност прв пат слушам. Во овој момент немам никакви амбиции да бидам министер. Сметам дека најголем придонес можам да дадам доколку и’ се вратам и и’ се посветам на мојата струка – менаџирање во сферата на воздушниот сообраќај и транспорт. Тоа е професијата за која што објективно сум квалификуван, едуциран, стручен и со долгогодишно и богато професионално искуство.

Да се вратиме во законодавниот дом. Серијата на апсења и притвори може ли да ја измеша математиката, да се стопи 2/3 мнозинство кое на мускули го избоксувавте за да се отвори највисокиот правен акт? Дел од пратениците кои ви дадоа поддршка, сега велат, притворањето на Мијалков не оди во прилог на процесот на помирување. Владата даде негативно мислење по однос на Предлог законот за амнестија поднесен од опозицијата, односно ослободување на сите осомничени или осудени за крвавиот четврток. Сепак вашата идеја е помилувањето да се решава скалесто. Може ли власта и опозицијата да најдат заедничко решение?

За Иницијативата за отпочнување на процесот на уставни измени гласаа 80 пратеници, коишто веруваат дека треба да му дадат шанса на Договорот со Грција и сметаа дека треба активно да бидат вклучени во целиот процес преку свои предлози, размислувања и иницијативи. Реално, јас очекувам во наредниот период мнозинството за поддршка на уставните измени да се зголемува, бидејќи инклузивноста во овој процес може само да даде додадена вредност, а во никој случај не може да наштети. Како резултат на тој процес добивме Нацрт-амандмани во кои се вградени размислувањата и предлозите на пратениците од опозицијата, коишто се одважија и му дадоа шанса на Договорот од Преспа.

Како резултат на заедничката сооработка произлезе и иницијативата за помирување. Како што е познато, во Собранието формирана е Интерпарламентарна група за помирување и интеграција. Иницијативата за формирање на ова тело беше на пратениците од опозицијата, кои ја поддржаа Иницијативата за отпочнување на процесот за промена на Уставот на Република Македонија.

Очекувам дека ова тело, во периодот што следува, ќе излезе со конкретни иницијативи и предлози, кои што навистина ќе дадат придонес за помирување во општеството. Сите сме свесни дека последниве години се соочуваме со сериозна поделеност и нетрпеливост по сите основи. Од тие причини сметам дека на Македонија и’ должиме ваков процес, и’ должиме искрен пристап кој ќе помогне да ги залечиме раните кои што се премногу длабоки и премногу крвави.

Верувам и убеден сум дека овие два паралелни процеси ќе завршат успешно, во интерес на нашата држава и нејзината иднина.
Притоа, ние како политичари не смееме во никој случај да влијаеме и да се мешаме во работата на судството и на правосудните органи. Оттука, јас навистина не сакам да ги коментирам последните случувања во однос на процесите што се во надлежност на судските органи.

Хипотетички, доколку Македонија го промени името, ги изгласа уставните измени, а сепак тоа биде залудно, односно некој од надвор го забрани членството на земјава во НАТО и ЕУ. Што тогаш?

Во принцип јас не сакам да одговарам на хипотетички прашања. Бидејќи, хипотетички, ние ова прашање може да го поставиме за сите 28 земји членки на ЕУ, односно 27, откако Велика Британија и формално ќе ја напушти Европската унија. Ако така размислуваме ние како држава, како граѓани – и професионално и приватно – не би требало да почнуваме ништо, затоа што на патот ќе се соочиме со некоја пречка или проблем.

Наша задача, како политичари, како владејачко мнозинство, е со таквите ситуации да се соочуваме, да ги решаваме, да ги надминуваме. Тоа е наша обврска. Само да потсетам дека СДСМ како политичка партија во изминативе години се соочи со многу навидум безнадежни, безизлезни ситуации, но никогаш не се откажавме од крајната цел, а тоа е да работиме и да изградиме европска Македонија. Таа битка се уште трае, но со новите политики, со секој нов ден, со секоја нова реформа, ние чекориме на тој пат.

Дали земјава дава преголема жртва за да биде дел од Европа и НАТО?

За да се одговори на ова прашање мора да се гледа поширокиот геополитички контекст за Македонија, а и за регионот воопшто. Да, се согласувам цената што Македонија ја плаќа во овој процес, преку Договорот со Грција е висока. И тоа го знаеме ние политичарите, го знаат и граѓаните.

Но, кога зборуваме за тоа дали е висока цената, мора да ја имаме предвид и другата вистина, односно другото прашање кое што секогаш мора да го поставуваме заедно со ова прашање, што Вие ми го поставувате мене. А тоа е: Дали Македонија има друга алтернатива?

Во услови кога како држава сме позиционирани во прилично нестабилен регион, во ситуација кога на Балканот секогаш има отворени прашања кои многу лесно можат да преминат во конфликт, еве и деновиве сме сведоци на заострување на односите меѓу Србија и Косово, ние како мала држава мораме да направиме се за да се заштитиме од евентуални идни потреси. А како може да го направиме тоа?

Прво, само ако имаме добри односи со соседите и ако во добар дух ги решаваме сите отворени прашања. Добрососедската политика не само што ќе ја гарантира нашата стабилност, туку ќе го гарантира и нашиот економски развој. И во тој контекст треба да се гледа на договорите што Македонија ги постигна прво со Бугарија, а потоа и со Грција.
И второ, само ако станеме членка на НАТО и ЕУ. Во овој контекст, особено да станеме дел од тој безбедносен НАТО чадор, кој ќе ја гарантира нашата стабилност и сувереност. А тоа, доколку заврши успешно процесот на уставни измени, може да се случи многу брзо.

Од тие причини, сметам дека да за нашето зачленување во ЕУ и НАТО плаќаме одредена цена, но придобивките што ќе ги имаме од тоа се далеку поголеми и поважни за иднината на нашата држава.

Истото може да ни се случи и доколку договорот од Преспа не биде ратификуван во Грчкиот Парламент. Дали тогаш повторно ќе го отвараме Уставот и ќе го вратиме во првобитната положба?

Ова прашање е веќе апсолвирано со Договорот од Преспа, како и со уставните измени. Во јавноста е познато дека измените во Уставот ќе стапат на сила во оној момент кога парламентот на Република Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа. Тоа ќе биде регулирано со законот за прогласување на Уставот, што Собранието треба да го изгласа, откако ќе ги изгласа уставните амандмани. Во овој закон ќе биде прецизирано кога ќе стапат на сила уставните измени, што значи дека ако евентуално Грција не го изгласа Договорот од Преспа Уставот нема да претрпи никакви измени и нема да има потреба повторно да поминуваме оваа постапка.

Дали за иднината на вашата политичка кариера ќе одлучите сам, или тоа ќе биде партиска одлука?

За мојата професионална, стручна и политичка кариера одлуките секогаш сум ги носел сам, се разбира во договор, консултација и соработка со моите најблиски соработници, пријатели и колеги, како и со членовите на моето семејство. Партиските одлуки за мојот политички ангажман секогаш биле донесувани како резултат на веќе постигнатите и реализираните достигнувања на личен, професионален, стручен и политички план. Верувам дека така ќе биде и во иднина, без оглед на тоа како ќе се развива мојата идна политичка кариера.