Мила Царовска е еден од ретките министри во Владата на СДСМ за кои може да се каже дека во пракса спроведуваат политики со социјалдемократски идеолошки предзнак.
Во интервјуто за „Економски Лидер“, министерката за труд и социјална политика зборува за ефектите од даночната реформа и објаснува како ќе се намали сиромаштијата преку зголемување за 300% на социјалната помош.
Неминовна тема на разговор беше и мерката за укинување на додатокот за трето дете, кој ќе остане, но ќе се смени начинот на кој државата ќе им помага на многудетните семејства.
Царовска ветува дека до крајот на нејзиниот мандат за 50 % ќе се згоелмат капацитетите на детските градинки. Најавува дека идната година ќе продолжат проектите за пензионерите децата од и социјално ранлливите семејства.
Пред да стапи на функција министер за труд и социјална политика, Царовска беше програмски координатор на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА), а од ноември 2015 до мај 2016 беше советник во кабинетот на министерката Фросина Ременски.
Царовска по дипломирањето работела во повеќе граѓански здруженија и невладини организации од сферата на трудот и социјалната заштита, по што се чини, директно од редот на оние кои ги детектираат проблемите влезе во редот на оние кои преку извршната власт ги решаваат проблемите за кои имаат експертиза.
Во прилог, целото интервју на „Лидер“ со Царовска:
Се укинува додатокот за трето дете. Врз која основа е донесена оваа одлука? Дали овој проект се покажа како нефективен или пак причината за тоа се немање на средства за буџетот? Сметате ли дека со ова укинуватте една капитална социјална реформа?
Поминаа десет години од спроведувањето на овaa мерка и таа воопшто не ги даде очекуваните резултати. Наталитетот и натаму продолжи да паѓа, од 2011 до 2016 имаме пад на на наталитетот од 13,3% на 11,1%. Мерката трето дете воопшто и не беше социјална капитална мерка, туку неуспешна демографска мерка. После десет години од нејзина реализација и потрошени над 200 милиони евра, јасно е дека таа мораше да се трансформира и токму тоа го правиме. Не го укинуваме додатокот, туку го менуваме на начин на кој треба да го прави ресорното министерство, односно воведуваме вистински социјални мерки. Новите мерки и додатоци се наменети токму за оние граѓани кои имат потреба од тоа, одосно од пониските социјални категории. Со реформата која ја правиме дирекно ќе влијаеме на намалување на сиромаштијата и обезбедување подобри услови за раст и развој на децата. Дополнително воведуваме додатоци за секое новородено дете, а не само за третото.
За да нема груби манипулации со граѓаните кои веќе ја користат мерката, прво е важно да кажам дека додатокот за трето дете и понатаму ќе се исплаќа на оние кои го стекнале правото и веќе го примаат додатокот. Исто така, право на овој додаток ќе има и секој што ќе аплицира во рок од десет месеци од денот на влегување во сила на законските измени. По навршувањето на овој период воведуваме надоместок за прво, второ и трето дете и го прошируваме бројот на корисници на детски и образовен додаток. За прво дете висината на еднократната парична помош ќе изнесува 5.000 денари, за второ 20.000 денари, а за трето 60.000 денари. Второ, сите семејства со минимални приходи и корисници на социјална помош им се овозможува да добиваат детски и образовен додаток. Со ова дополнително финансиси ќе се поддржуваат околу 70.000 деца, а досега овие додатоци ги примаа само околу 3000 деца.
Ваквите промени се во насока на праведна дистрибуција на средствата кон граѓаните и обезбедување на вистински социјaлни мерки.
Ќе се намалува сиромаштијата ќе се зголеми социјалната помош, според Вас преку даночната реформа ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300%. Со ова се отвара ли пандорината кутија, граѓаните кои земаат социјална помош да не бараат работа?
Ако ја погледнете реформата во целост, ќе видите дека ќе биде невозможно тоа да се случи бидејќи таа е така направена да примателите кои се работоспособни ќе мора да се вклучат на пазарот на трудот. Со добивањето на минималниот загарантиран приход примателите ќе бидат обврзани тесно да соработуваат со семејниот социјален работник кој ќе ги следи во процесот на доквалифицкација, преквалификација и обезбедување на работно место во најбрз можен рок. Второ, доколку се случи да ја изгубат работата тие ќе имаат можност повторно да добиваат минимален приход, а не како досега да го губат правото на социјална помош. Ова беше една од главните причини зошто овие лица не сакаа да се вработат, се плашеа од губење и на работата и на социјалната помош. Со реформата тоа нема да се случува и очекувам сериозно да ја зголемиме бројката на вработлив кадар, нешто што е многу потребно на пазарот и за компаниите. Ако вака ја анализарате реформата, ќе видите дека ова е всушност голема општествена реформа која позитивно ќе влијае на целото општество и пазарот на труд. Уште поважно, ќе им помогнеме на семејствата да излезат од сиромаштија а на децата од овие семејства да имаат еднакви шанси и старт со своите врсници.
Одговорни сте и за градинките, згрижувањето и воспитувањето на најмладите. Со вашето преземање на функцијата министер, воведовте втора смена во градинките, но во реалноста таа не профункционира со саканиот ефект. Дали ова е единствена реформа која ја направивте во градинките?
Воведувањето на втората смена е само старт на суштинските промени кои се прават во градинките. Втортата смена успешно функционира во пет градиники во пет општини во Македонија и се опфатени 190 деца, односно ист број како од пред година и пол кога почна. Апелирам и сега до родителите кои навистина имаат потреба од втора смена, тоа да го побараат во својата матична општина, оти само така можеме да знаеме дали некаде има потреба од втора смена, или не.
Што станува со најгорливиот проблем и проширување на капацитетите во детските градинки? Досега, за година и половина од вашиот мандат што направивте по однос на ова прашање?
Од почетокот на мојот мандат до сега отворивме 11 а до крајот на годината ќе отвориме уште 13 градинки со што 2018 ќе ја завршиме со 24 новоотворени градинки ширум Македонија. Посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој. Затоа, истовремено со подобрувањето на условите и ширењето на капацитетите работиме и да подобрување на кадарот во градинките. Сите 4.300 вработени, со септемвриската плата исплатена во октомври добија покачување од 5%. Исто така од први јануари годинава досега, МТСП обезбеди финансиска согласност за вработување на над 1.000 лица од кои поголемиот дел се на неопределено време. Овој темелен процес продолжува и во следните 4 години. Особено ми е драго што неодамна обезбедивме 30 милиони евра од Светска банка, пари исклучитено наменети за детска заштита и градинки. Со овој буџет плнираме да изградиме нови градинки и да ги прошириме капацитетити на постоечки обезбедувајќи простор за нови 7.000 деца. Покрај капацитетот постојано ќе го покачуваме бројот на вработени негователки, но и платите за нив. Со оваа стратегија за четири години очекувам застапеноста на децата кои одат во градинка да ја зголемиме на 50%.
Децата питачи секојдневно ги сретнуваме по улиците. Како метрополата пред се да ја промени оваа слика за себе? Што превземате како ресорно министерство?
За справувањето со проблемот со питачите треба значително да допринесе социјалната реформа. Токму затоа ги воведуваме детскиот и образовниот додаток за кои условот да се дојде до парите ќе биде задолжително одење во училиште. Намалувањето на сиромаштијата, подобрувањето на социјланите услуги и блиската соработка на социјланите работници со семејствата на овие деца , ќе придонесе за намалување на проблемот. За целосно искоренување на овој проблем потребна е коориднирана стратегија од повеќе министерства и институции. За случаите коишто се во нашата надлежност, Центрите за социјална работа, кога ќе утврдат дека родителот го наведува детето на питачење, или го користи за питачење, се носи решение за постојан надзор и стручно советување на детето и родителот. Стручен тим на родителот му укажува за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, и обврските коишто ги има со истото. Исто така во Скопје веќе подолго време финкционираат неколку дневни центри, каде што децата од улица добиваат оброк, капење, чиста облека, па дури и едукација.
Вашиот мандат го следат и низа скандали со штитеници од детските домови, 3 девојчиња беа силувани, а имаше и исчезнати деца. Не понесовте лична одговорност. Како ќе ја подобрите сликата во овие установи?
Работиме посветено на овој проблем и нашата работа веќе дава резултати. Немилите настани кои се случуваа беа резултат на разрушен систем и праксата за сместување на децата во институциите. Лично сметам дека овие институции се најлошото нешто што може да му се случи на едно дете. Таму место посветеност и грижа добиваат занемарување кое понатаму придонесува кон немили случки како тие кои ги имавме. Ова од корен го решаваме преку процесот на деинституционализација. Со процесот којшто тече повеќе од добро, децата ги сместуваме во малите групни домови наместо во големите институции. Во овие куќи децата чувствуваат семејна атмосфера како во свој дом, бидејќи им обезбедуваме достоинствени услови за живот. Ова е многу важно за правилен развој на децата и нивно вклучување во општеството. Само на овој начин може да се бориме против злоупотребите на децата и да го искорениме овој страшен проблем. Бројот на деца во големи институции е намален за 33,9%. Посветено работиме ниту едно дете под 18 години во Македонија да не биде сместено во големи безлични институции до 2020 година што е амбициозно, но остварливо. Неодамна Владата ја усвои и Националната стратегијата за деинституционализација која го носи името Тимјаник, а Македонија доби искрени честитки на последната сесија на Комитетот за правата за лица со попреченост во Женева за она што го има направено досега.
Подолго време не работат ниту народните кујни. Го укина ли минстерството овој проект?
Народните кујни работат, и тоа во 50 општини во Македонија, со што се опфатени речеси сите градови, но и рурални средини. Според последните наши податоци во месец октомври годинава услугата ја користеле 3.021 лице, односно 1.440 семејства.
За следната година дали продолжуваат проектите во интерес на пензионерите, бесплатно банско лекување и летен и зимски одмор за децата од социјално ранливите категории?
Секако дека не ги укинуваме овие проекти. Подеднакво ни се важни и децата кои се иднина на државата, но и пензионерите кои со својот труд и грижа за семејствата го граделе општеството. Затоа и носиме целосно нов закон со кој го регулираме правото на социјална пензија, со која им обезбедуваме финансиска сигурност на повеќе од 6.000 граѓани. Право на овој надоместок ќе имаат сите лица кои се над 65 години, имаат помалку од 15 години работен стаж, се државјани на Македонија и немаат имот.