Македонија 20. декември 2018. / 17:36

Интервју на „Лидер“ со Горан Милевски: На Македонија и е потребен либерален претседател – сериозно размислуваме за самостоен настап!

Интервју на „Лидер“ со Горан Милевски: На Македонија и е потребен либерален претседател – сериозно размислуваме за самостоен настап!

Последниот конгрес на Либерално Демократската Партија на Македонија (ЛДП), сериозно ја разбранува јавноста. Во својот говор, претседателот на партијата Горан Милевски изнесе став дека неговата партија е незадоволна од третманот во владејачката коалиција.

-Кога беше најтешко, ние бевме со вас, а сега сме оставени на маргините – рече Милевси на конгресот на ЛДП. Во исто време, тој изрази несогласување со политиката за воведување на прогресивен данок во Македонија, но, се спротистави, а подоцна и гласаше “против“ уставните измени.

Храброста на Милевски отворено, со идеолошки аргументи да се спротистави на дел од политиките на власта, беше главен мотив за „Економски Лидер“ да го побара за интервју. Лидерот на оваа партија која е значаен дел од актуелната власт, со задоволство прифати да одговори на нашите прашања.

Во интервјуто, Милевски констатира дека неговиот говор на конгресот е нормалност во една демократска средина. Тој смета дека мора да ја трансформираме свеста на граѓаните и да гледаме објективно на состојбите и да не се плашиме аргиментирано да критикуваме. Да не се навредуваме, туку да се бориме за вредности.

ЛИДЕР: Наместо чисто ДА, појасно ПРОТИВ. Не го поддржавте законот за амнестија. Во моменти кога се очекуваше сплотеност на власта за прашања со помирувањето, трнот излезе дека е ЛДП. Ги заладувате ли односите со СДСМ или несогалсувањата се само по однос на амнестијата?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Штетно е да сме усогласени по секое прашање со СДСМ, бидејќи тогаш ќе се отвори дилема за потребата да постоиме како посебен политички субјект.
Не сме против помирување во општеството, но сме против мешање на законодавната власт во судската власт. Мое мислење е дека требаше да се остави простор судот да си го каже својот збор па дури потоа да размислуваме за помилувања или амнестии.

ЛИДЕР: Вашиот реизбор за лидер на ЛДП ја разбранува политичката сцена. Јавноста дозна дека во суштина вие како пратија и не сте задоволни од третаманот кој СДСМ го има кон вас. Зошто револтот го изразивте на ваков начин и зошто чекавте година и половина?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Нема подобар политички момент и повод освен на Конгрес на една политичка партија или како ние го нарекуваме Собрание, кога сублимирате четиригодишно функционирање, да дадете свое гледиште за состојбите во државата, во партијата и во односите со коалиционите партнери. На Конгресот се даваат насоките за идниот четиригодишен мандат и ние јасно го трасиравме нашиот пат кон изградба и застапување искуливо на нашите либерални вредности и идеологија.

Изминатиот период ние ги ставивме на страна нашите партиски интереси во интерес на државните. Поважен е процесот на меѓународното етаблирање на Македонија и решавање на сите отворени прашања, трасирање на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ отколку некој однос внатре во коалицијата или третман на ЛДП. Тука бевме максимално коректни и така ќе останеме до крајот на процесот.

Сега кога се гледа излезот за сите овие нерешени прашања, на дневен ред ќе дојдат реалните проблеми на граѓаните. Ние се спремаме за тој период кога ќе треба да понудиме либерален одговор на сите напластени домашни проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

Се разбира дека и во иднина ќе се најдеме на различна страна за некое прашање но тоа е добро и здраво за демократијата во Македонија. Мора да ја трансформираме свеста на граѓаните дека мора да гледаме објективно на состојбите и да не се плашиме аргиментирано да критикуваме. Да не се навредуваме, туку да се бориме за вредности.

ЛИДЕР: По вашиот реизбор ја растинивте и 2-ката која ја имавте во Законодавниот Дом. Никица Корубин делува како фракција во ЛДП, а во Собранието како независен пратеник во коалиција со СДСМ. Дали сметете дека поентирате или губите со ваков начин на делување?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Ние имаме три пратеници во Собранието и тоа така ќе остане. Пратеничката Корубин најави дека ќе делува независно како пратеник од ЛДП.

ЛИДЕР: Дали по Изборното Собрание на ЛДП остваривте средба со Премиерот Зоран Заев? Кои се ваште барања до него, што може да се пормени во рапределба на функциите за да продолжите да делувате како согласна коалиција?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Ние имаме комуникација, таа не е прекината и нема причина да прекине. Средба ќе оствариме на ниво на партиски делегации во текот на следната недела. Никој нетреба да се плаши од либералните вредности и политики.

ЛИДЕР: Дали имате различни ставови по основ на други прашања и идеологија, или проблем се само раководните позиции и функции кои сметате дека треба да се прераспределат?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Прашањето за кадровската политика е еден сегмент и тоа треба да се сфати како можност ЛДП и нејзините кадри експерти од повеќе области да можат да го реализираат своето знаење и искуство во насока на промена на состојбите во Македонија.

Се разбира тука е и идеологијата и после процесот на затворање на отворените прашања со соседите и отворањето на перспективите на Македонија, ние треба да размислуваме идеолошки по сите прашања и да даваме наши одговори на барања на граѓаните.

ЛИДЕР: Која е битката со правдата, ако власта носи закон за селективна амнестија?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Правда мора да има, сакаме праведно судство, чесни судии во кои сите ќе имаме доверба, обвинители кои ќе гонат криминал не само на поранешните функционери туку и на постојните онаму каде ќе се детектира.

ЛИДЕР: Размислувате да излезете од власта?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Кога имате некои нерешени прашања во рамките на семејството вие веднаш не превземате радикални мерки како што е разводот. Дури и на суд кога ќе одите судијата ќе ве убедува да се смирите. Така да во овој момент ЛДП воопшто не размислува да ја напушти владата и работи на решавање на проблемите со кои се соочуваме ние но пред се државата.

ЛИДЕР: Сметате ли дека заедно со Претседателските избори напролет треба да има и предвремени парламентарни?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: Наш став е парламентарни избори во Македонија да се одржуваат во редовни термини на секои четири години и од тие причини најдобро е на пролет да имаме само претседателски избори. Ние во моментот сме насочени исклучиво на тие избори.

ЛИДЕР: Дали ЛДП ќе оди со свој кандидат за Претседател на РМ, и на каква личност според Вас треба и и припадне највисоката државна функција?

ГОРАН МИЛЕВСКИ: ЛДП сериозно ја разгледува можноста од самостоен настап на следните претседателски избори. Тоа е добро за демократијата во државата, на граѓаните да им се даде шанса да одлучуваат помеѓу повеќе кандидати, да имаат можност за избор.

Ние веќе разговараме со неколку потенцијални кандидати кои можат да одговорат на оваа важна функција како од редовите на ЛДП така и надовр од нашето членство. Конечната одлука за тоа ќе се донесе во текот на февруари.

На Македонија и треба европски ориентиран претседател, либерален претседател кој ќе гради мостови на соработка со сите соседи и меѓународната заедница. Претседател почитуван од светот а не претседател изолиран кој живее со своите предрасуди и национализми.