Македонија 02. March 2019. / 17:03

Интервју на „Лидер“ со Ѓунер Исмаил: Главниот процес не се диктира од Мала Речица!

Интервју на „Лидер“ со Ѓунер Исмаил: Главниот процес не се диктира од Мала Речица!

Истакнатиот интелектуалец, активист на невладината организација Форум-ЦСИД и поранешен министер за култура во Владата на Бранко Црвенковски, Ѓунер Исмаил во интервјуто за „Лидер“ кажа дека Стево Пендаровски е вистинскиот избор за претседател на премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

За изборот на Пендаровски, ДУИ не биле тие кои условувале, или бирале кандидат, туку интегративците биле ставени на соочување со ставот на мнозинството на членки на коалицијата.

Главниот процес, главниот тек на работите, сосема е јасно, а тоа и ДУИ го знае, не се диктира од Мала Речица, туку од друго место, а на тоа „друго место“, вели Исламил.

Според него идниот претседател треба да ги има карактеристиките на Борис Трајковски, а никако не треба да биде марионета, ниту пак кочничар на европските интеграциии.

За Исамил неисполнување на цензусот е само уште една желба и план на опозицијата. Ослободувањето на земјата е процес кој трае и јасно е, ќе биде успешен, тврди Исмаил.

Каков претседател и е потребен на Република Северна Македонија? Независен кандидат без политички багаж зад себе или партиско-делегирано лице кое ќе работи по директивите на партијата која го номинирала?

Македонија, за жал, зад себе го има искуството со Иванов од кое, искрено се надевам, сите сме извлекле доволно поуки за да не ни се повтори еден таков претседател. Треба да се потсетиме дека оваа земја имала и други претседатели кои, можеби потекнувале, односно биле промовирани како партиски кандидати, но функцијата ја обавувале со максимално можен интегритет, та дури и по цена да се случел судир со партијата од која потекнувале. Доволно е да го споменам покојниот Борис Трајковски за да стане јасно за што зборувам. Накратко, на Македонија и е потребен претседател со интегритет, а такви сме имале и не треба да бараме некаков модел надвор од неа. Такви претседатели сме имале. Битно е „Иванов“ да не се повтори.

СДСМ и ДУИ се договорија, ќе одат со заеднички т.н. консензуален кандидат. И покрај многуте несогласувања кои ги видовме помеѓу колиционите партнери сепак на крај падна договор. Се плаши ли Заев од изборен пораз доколу самостојно настапи на претседателските избори?

Во случајов, колку што мене ми е познато, пред СДСМ и ДУИ да ја привршат постапката за барање/пронаоѓање на кандидат, претходеше неколкунеделна консултација со сите членки на коалицијата која е на власт, а станува збор сепак за триесетина партии од која произлезе и името на најсоодветниот кандидат прифатлив за сите. Финалните средби СДСМ-ДУИ всушност беа соочување на ДУИ со ставот на мнозинството на членки на коалицијата дека тие би застанеле за „овој и овој“ кандидат. Ставот на мнозинството од партиите од коалиијата „За живот…“, може да се рече, коинцидирал со ставовите на ДУИ, па така е дојдено до овој кандидат.

Проектот на ослободување на „Заробената/окупирана држава“, скоро никогаш, не подразбирал некаков самостоен настап на СДСМ, а особено не во случај на вакви важни прашања, какво што е кандидирање и влегување во изборен натпревар за претседател на државата. Праксата на перманена консултација, координација со членките на коалицијата се покажа како исклучително важна во процесот на ослободување на земјата од фашистичката окупација и според досега виденото ќе трае се додека и последната пора на општеството не биде деконтаминирана. Изборот на претседател е само еден од многуте чекори кои треба да се случат, а не очекуваат уште многу задачи/чекори.

Според Вас дали т.н. консензуален кандидат е само уште еден пазар Ахмети-Заев, и што би било следното барање на лидерот на интегративците? Веќе во јавноста се шпекулира дека идниот гувернер ќе биде токму желбата на ДУИ, како една од барањата на интегративците.

Во процесот на Ослободување на земјата ДУИ доби шанса, колку-толку, да го преиспита деветгодишниот период на соработка со, најблаго речено групацијата, иако станува збор за една криминална банда, која земјата ја претвори во окупирана територија. Дали таа шанса ДУИ ја искористува доволно продуктивно или не, сега-засега, има „вакви“ и „онакви“ индиции. Но, како што претходно беше речено, Ослободувањето на земјата е процес и ДУИ во тој процес е во позиција на „поканет“, а не во позиција на оној кој Ќе условува. Деновиве стана сосема видливо дека Коалицијата „За живот…“ има и други алттернативи и во таа смисла позицијата на ДУИ е натоварена со „нови суптилитети“ кои ќе треба да си ги додаде на контото, а кои, сите се надеваме, ќе им помогнат во процесите на внатрешните преиспитувања, прегрупирања, реконструкција и се што веќе следи кога се случува потреба од соочување со политичката реалност. Јавноста, сосема нормално, некои од позициите на ДУИ ги чита „вака“ или „онака“, но главниот процес, главниот тек на работите, сосема е јасно, а тоа и ДУИ го знае, не се диктира од Мала Речица, туку од друго место, а на тоа „друго место“, сега-засега, ДУИ е само поканет и уважуван соодветно на околностите.

Ваша оценка, кое име е најсоодветно за т.н. консензуален кандидат на СДСМ и ДУИ?

Мојата оценка (кога ова го велам веќе е познат кандидатот на коалицијата) е Стево Пендаровски.

Гордана Силјановска Давкова е кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, во игра се Амди Бајрам, Блерим Река, Филип Петровски, Ѓорѓи Филипов, но списокот е долг. Кој според Вас е најдостоен да ја заземе највисоката државничка позиција?

Во одговорот на прашањето од погоре го кажав мојот став.

Во пракса се покажа дека сепак функцијата претседател не е само марионетска. Тоа го видовме со амнестиите на Иванов, Законот за јазиците… Според Вас може ли идниот претседател да биде кочничар на евро-интегративниот процес?

Оваа земја, како што истакнав има и позитивни искуства со нејзините претседатели, а одкако на претседателското столче седна Иванов, во политичкиот речник влезе поимот „марионета“. Да, сосема соодветен опис на десетгодишниот мандат на Иванов и сосема соодветен за описот „кочничар“.
Во идеите со кои се раководеа и се раководат ослободителите на земјата нема место за таков, или сличен на него лик.

Може ли да пропадне целиот процес на претседателски избори? Граѓаните да не излезат во довлелен број и да не се оствари цензусот? Ваш став, колку е возможно и релано Талат Џафери да застане на оваа функција?

За жал таква најава доаѓа лично од претседателот на ДПМНЕ, Мицкоски. Не треба да се биде којзнае колку упатен за да не се прочита „алиби-планот“ на групацијата која, сега-засега, сеуште функционира како екстензија на бандата која ја беше окупирало земјата. Би било здодевно за вашите читатели тука да им се презентира што ќе прави групацијава-екстензија од час во час на самиот изборен ден на 21 април, а и каков тоналитет ќе и дава на предизборната кампања, а се во функција на она што планираат да го сторат после 21 април. Но, како што беше речено, Ослободувањето на земјата е процес кој трае и јасно е, ќе биде успешен.