Македонија 28. јануари 2021. / 12:22

Интерпелацијата за Димитров следната недела пред пратениците

Интерпелацијата за Димитров следната недела пред пратениците

Собранието в понеделник ќе ја продолжи 30. седница на чиј дневен ред е и интерпелацијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Сепак, за тоа кој ден ќе се расправа за интерпелацијата поднесена од опозицијата, најмногу ќе зависи од Димитров и неговите ангажмани. Покрај 30. седница Собранието ќе се обиде да ги заокружи и точките од дневниот ред на 32. седница.

Владејачкото мнозинство во Собранието има проблем со бројот на пратеници поради отсуство на неколкумина, но тоа според првиот парламентарец Талат Џафери не е проблем, бидејќи за да се расправа за законите не е потребно во салата да се сите пратеници. Може да се расправа за законите и другите точки, вели тој, а потоа еден ден да се закаже гласање и да се изгласаат сите закони и други точки на дневниот ред.

Џафери се согласи со констатацијата дека тоа е практичен излез од ситуацијата во која се наоѓа Парламентот во контекст на кворумот и мнозинството, но тоа потенцира е еден вид вовед во календар за работа на Собранието. Тоа би значело една недела за расправа за законите, потоа период за комисии, и недела за гласање по примерот на некои други Парламенти. Но, за тоа се потребни и измени на Деловникот за работа на Собранието.

Џафери вели дека за поддршка на сите закони се разговара и со опозициските партии, но не можеше конкретно да каже кои закони би можело да се очекува да бидат поддржани од нив во текот на следниот период.