Од денеска во Кавадарци стартува зонско, за што градоначалникот Митко Јанчев оцени дека се добива урбана и почиста средина, со повисока култура во сообраќајот и паркирањето.
– Возилата кои досега биле непрописно паркирани или непотребно оставени, се отстранети. Мислам дека граѓаните ќе бидат задоволни, затоа што цените се на некој начин минимални, колку да се регулира градскиот паркинг. Средствата што ќе се остваруваат, ќе се инвестираат во нови паркинг места, модернизирање на паркирањето, рече Јанчев.
Од денеска започна со работа и Јавното претпријатие „Паркинг”, а директорот Тошко Дафков појасни дека основната дејност на претпријатието со 37 вработени, е да го организира сообраќајот во мирување и да обезбеди непречен и безбеден динамичен сообраќај.
– Се располага со илјада паркинг места во три зони. Три проценти од паркинг местата се резервирани и бесплатни за лицата со инвалидитет. Досега се поднесени околу 400 барања од станари за повластена паркинг карта. Таа изнесува 900 денари годишно за едно возило, а 1.500 за второ возило. Претпријатието располага и со депо на кое може да се резервира место за земјоделска механизација, изјави Дафков.