И по вчера објавените 11 аудио снимки поврзани со преметот Рекет, од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција тврдат дека доволно докази во овој предмет се прибавени само за сега веќе осудените лица.
Објавените разговори се секвенци, односно парчиња од доказите што беа изведени во целост во текот на судската постапка за предметот Рекет, се вели во кусата реакција на обвинителството, за снимките во кои наводно се слушаат разговори помеѓу Зоран Милевски Кичеец и адвокатот Васил Димишков и Боки 13 во кои се споменуваат суми од 6 милиони во замена за укинување на притворот на бизнисменот Камчев.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска прашуваат дали лидерот на СДСМ и неговиот брат лично се познавале со адвокатот Васил Димишков и неговата сестра судијката Весна Димишкова. Опозицијата обвинува дека Заев и тандемот Димишкови кои тргуваат со притвори за пари се недопирливи за јавното обвинителство.
„Во аудио снимките што ги слушнавме имаше и еден израз од гласот кој што се говори дека е на адвокатот Димишков кога ја испорачува цената од 6 милиони евра кон соговорникот, вика –„Чекам пас, да ми дозволат дали ова може да го завршиме“.
Прашањето е од кого чека пас, од кого чека зелено светло адвокатот Димишков?
Дали чека зелено светло од Курто Дудуш? Дали чека зелено светло од Амди Бајрам? Или можеби чека зелено светло од Зоран Заев?
Кој одлучува колкава ќе биде цената за еден притворен граѓанин, без разлика дали е стопанственик или нешто друго? Дали цената ја одлучува адвокатот? Дали цената ја одлучува судијката? Или ја одлучува оној од кого чекаат пас? И дали тоа можеби е господинот Зоран Заев? Или Вице Заев?
Затоа уште еднаш денес апелираме адвокатот Димишков и Зоран Заев јавно да излезат и да дадат изјава за јавноста, дали потврдуваат или демантираат дека се дел од овој случај на тргување на притвор за 6 милиони евра“ вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Објавувањето на аудио снимки од анонимни канали преку интернет се интензивираше откако Кривичниот суд во четвртоткот ја објави пресудата со која првообвинетиот за Рекет Бојан Јовановски заработи 9 години затвор, додека екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше осудена на казна затвор од 7 години. По изрекување на пресудата Бојан Јовановски потенцираше дека парите од рекетот завршиле кај екс премиерот Заев и неговиот брат и најави кривични пријави против актуелни функционери.