Артан Груби од ДУИ денеска прв го доби мандатното писмо од премиерот. Но, стана прв и во уште нешто-застана на позицијата Прв вицепремиер, што за првпат се воведува во Македонија.
За тоа денеска специјално беше изменет и деловникот за работа на владата, во кој е додаден зборот „прв„, пред функцијата „вицепремиер„ и е прецизирано дека, токму тој ќе го менува премиерот во негово отсуство.
Со тоа, е поедноставена процедурата, наместо да се менува Законот за влада, за што требаше да се расправа и гласа во Собранието, се` се реши со гласање на владата.
Оваа нова функција во македонскиот политички систем е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, во замена за откажувањето на помалиот владин партнер од изборното ветување за прв Албанец-премиер.