Македонија 23. март 2020. / 11:54

И „бацнете“ ми го Зоки!

И „бацнете“ ми го Зоки!

Еден драг пријател вчера ми испрати порака на сметка на корона вирусот базирана на национална основа, што тој, пак, ја добил од свој пријател преку фејсбук. Морам да признаам дека успеа да ме насмее во овие тешки времиња, ама и да ми даде повод да ја искористам истата порака само во друг контекст. Чисто како потврда дека духот на граѓаните не е паднат, што е основа во борбата против психозата и депресијата, како составни делови во вакви ситуации.

Пишува: Предраг Димитровски

Но, еве што вели пораката.

-Се откажуваш ли од болшевизмот?

-Се откажувам!

-Се откажуваш ли од болшевизмот?

-Се откажувам!

-Се откажуваш ли од болшевизмот?

-Се откажувам!

Сестро, дојди овде, те молам, и приклучи го пациентот на респираторна машина.

Е, вака некако, лично ги сфатив мерките на екс-премиерот и претендент за нов мандат, на лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев. Болшевистичко-комунистички до немај каде. Како од времето на првата петолетка по војната. Сега уште да почне со национализација, експропријација, одземање на приватните имоти, жигосувања, водење по затвори и работни логори… Па, за тоа ли му требаше воведувањето вонредна состојба?! Зарем воопшто не еволуирал менталниот болшевичко-комунистички склоп во модерна социјал-демократија?!

Внимавајте, ве молам, ударната порака е дека сите функционери, вработени во државна и јавна администрација за април и мај ќе треба да добијат минимална плата од 14.500 денари! Ајде мајкатаа, што би рекол самиот угледен, достоинствен и чесен Зоран Заев.

Како тоа одеднаш сите имаме исти стомаци, исти потреби, исти желби, иста солидарност…А, колку до вчера блескавме како економија, блескавме со наместени тендери, блескавме со криминал и корупција, блескавме со 100 евра за оние што ќе приложат селфи дека седат дома, со што се не блескавме. Само што тогаш едни го јадеа зајрето, други листовите зелка. Во просек, сарма за сите.

Очигледно, менталниот склоп на Заев застанал таму некаде во 45-50 година. Не дај Боже неговите мерки да се осуди да ги примени техничката влада.

Тоа што најави национализација, само се обидува да ги копира Меркел и Макрон. Зашто, шпанскиот премиер Санчез, на пример, повикува на нов, заеднички, европски Маршалов план, што ги постави економските темели на денешната моќна ЕУ. Ама, со него немало вакво нешто, какво што замислува Заев.

На крајот на краиштата, целта на владините мерки за економијата не треба да бидат враќање назад со децении, туку одржување и обид за зачувување на статус-кво ситуацијата. Дали тоа ќе биде со задолжување на домашните и странските финансиски пазари, дали со процентуално намалување на платата, дали со солидарни дневници, дали со откази во администрацијата, дали со трансформирање на приватниот капитал на разно-разни заевци во државен, дали со… Е, тука техничката Влада и другите финансиски институции и бизнис секторот треба да мерат и премеруваат, а не Зоран Заев. Само, аман, не по негов терк! Зашто доволно е тоа што го видовме и слушнавме од него.

А, којзнае, можеби и нешто друго му се врти низ памет. По примерот на неговиот директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Се сеќавате на него? Ако сте заборавиле, еве ќе ве потсетам. Тој летото 2018 година, пред референдумот, имаше еден фејсбук статус со следната содржина: „Па дај умрете веќе еднаш јбг…! Само ако умрете, оваа сирота земја ќе може да преживее“. И истиот тој директор сега во време на светска пандемија треба да води грижа за нашата заштита и спасување. Не за џабе се рекло – Зборот коски нема, ама коски крши. Секогаш треба да се внимава што ќе се каже и напише. Ако директорот ни биде репер, тогаш порака од почетокот би можела да има и ваква содржина:

-Се откажуваш ли од ВМРО-ДПМНЕ?

-Се откажувам!

-Се откажуваш ли од ВМРО-ДПМНЕ?

-Се откажувам!

-Се откажуваш ли од ВМРО-ДПМНЕ?

-Се откажувам!

Сестро, дојди овде, те молам, и приклучи го пациентот на респираторна машина.

Белким не сме стигнале до таму. Иако „манекените и манекенките“ од Владата и во вакви тешки моменти ги користат своите пет минути слава, па се обидуваат да ги елиминираат непосакуваните прашања и новинари. Пак исто како во 45-та. Ниту популизмот од типот-се откажувам од мојата плата во наредните три месеци (а, во меѓувреме си добил мал милион тендери од кои можат три генерации да живеат како мали богови)-проаѓа, ниту секојдневното вртење по пресови, заради популарност, ниту нарачани прашања од „професионални“ медиуми и новинари од типот на мали гебелсчиња…Ништо не помага. Се е веќе видено, преварено и изџвакано.

Само пи-арџиите на Заев нека му ја мислат. Како да го вратат во живот. Политички, де, нели. И да ми го поздрават и „бацнат“, иако се тешки и крајно опасни времиња.