Анке Холштајн, амбасадорката на Германија во Скопје, вели дека во суштински интерес на Бугарија е да не го блокира процесот на проширување на Европската Унија, коментирајќи ги информациите од Брисел за опструкции од страна на Бугарија во однос на одредени прашања, пред сè прашањето за македонскиот јазик и малцинство кои бараат да се вметнат во поглавјето 35.
Бугарија достави и меморандум на шест страници со нивните барања до земјите членки на Унијата, но дипломатот смета дека Софија треба да ги решава билатералните прашања со Скопје„ надвор од преговарачката рамка.
Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји членки на почетокот на август. Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално.
Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и С. Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската унија во овој регион, тврди Холштајн во интервјуто за РСЕ.
Во делот на политиката за проширување, очекува одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно официјалниот старт на преговорите за проширување со Северна Македонија да започне во декември.
Треба во рамките на Европската унија да се договориме во однос на преговарачката рамка за која моментално се дискутира во Брисел, кога ќе се постигне договор за тоа, може да дадеме и датум за првата меѓувладина конференција и се надеваме дека тоа ќе се случи во декември, вели таа.