Според германската амбасадорка Анке Холштајн, меѓу Македонија и Бугарија има добрососедски односи, а постои и Договор за добрососедство, кој што треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе.
Во интервјуто за Студио 10 на Телевизија 24, Холштајн истакна дека Германија и натаму ќе остане силен поддржувач на Македонија. Важно е, порачува таа, да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Македонија.
Таа се осврнува и на Елисејскиот договор, подвлекувајќи дека и со него не се споменувале пречки од типот на идентитет, јазик и историја меѓу Франција и Германија.
– Елисејскиот договор е склучен 18 години по крајот на Втората светска војна и ставил крај на т.н. исконско непријателство меѓу двете земји, со што се создала политичка, правна и симболична основа за заедничка соработка, нагласи амбасадорката.
Во однос на ЕУ, таа потенцира дека тоа е заедница на вредности: демократија, правна држава, независно судство, слободни медиуми и целосна еднаквост за сите.
– Тоа се вредности на кои ЕУ почива како целина и тоа е и нашиот слоган „единство во разноликост“. Не смееме да толерираме во земји членки да има развои кои се далеку од тие вредности, истакнува Холштајн.