Македонија 18. септември 2018. / 10:05

Хан: Вие граѓаните ќе одлучите дали во иднина ќе ви се обраќам со Република Северна Македонија или со БЈРМ

Хан: Вие граѓаните ќе одлучите дали во иднина ќе ви се обраќам со Република Северна Македонија или со БЈРМ

Премиерот Зоран Заев денеска имаше заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Заев најави дека на 27 септември ќе се започне скрининг процесот, пред почетокот на преговорите, како што се очекува, во јуни 2019 година.

Тој најави нови реформи во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата, реформи во јавната администарција и реформи во разузнавачките служби. Исто така, Заев изрази благодарност до ЕУ за поддршката за интеграција на Македонија во европското семејство.

„Ви благодарам за топлото добредојде, за гостопримството кое ве карактеризира како земја. Изминатите неколку недели Скопје стана најпопуларната дестинација за политичарите од целиот свет. Ова е доказ дека многу се цени Договорот што го постигнавте со Грција. Во светот има многу конфликти, а ова е редок пример на решавање на таквов конфлект. Затоа целиот свет го поздравува овој чин, бидејќи тој станува пример дека може да се решат и други замрзнати конфликти во светот на овој начин. Референдумот е можност што се јавува еднаш во животот. Одлуката што ќе ја донесете на 30 септември ќе има далекусежно влијание дури и за оние кои сѐ уште не се родени“, рече Хан.

Тој истакна дека одлуката на референдумот е од голема важност и за идните генерации.

„За жал сѐ уште морам да ја користам кратенката БЈРМ; Поранешна Југословенска Република Македонија, иако воопшто не ми се допаѓа. Вие, граѓаните ќе одлучите дали во иднина ќе ви се обраќам со Република Северна Македонија“, истакна еврокомесарот.