Македонија 09. октомври 2018. / 10:36

Хан реагираше на разрешувањето на Богојески: Ова е неприфатливо за демократски партии

Хан реагираше на разрешувањето на Богојески: Ова е неприфатливо за демократски партии

Комесарот за проширување Јоханес Хан, по неуспешниот референдум, ги повика пратениците да ги изгласаат уставните амандмани за промена на името. Тој констатира дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се противи државата во иднина да се нарекува Северна Македонија. Сепак, на Владата и се потребни 10 гласа од ВМРО-ДПМНЕ за да го обезбеди потребното мнозинство, но раководството на партијата се противи на тоа. Хан во интервју за Стандард вели дека постојат информации за закани против оние кои сакаат да гласаат спротивно од партијата и да ја поддржат Владата во Собранието.

Членови на ВМРО-ДПМНЕ се спротивставија на партискиот лидер Христијан Мицкоски, но беа казнети поради тоа, како заменик генералниот секретар на партијата, кој беше заменет. Ова е тотално неприфатливо за партија која се прокламира како про-европска и демократска – вели Хан за Стандард.

Тој сега се надева за процес на дискусија. Бидејќи евроатлантските интеграции кои конечно може да се постигнат со решавањето на спорот со името, исто така се изразена цел и на ВРМО-ДПМНЕ, но мораат да се однесуваат согласно тоа и да направат одлука која ќе го направи Договорот возможен. Сè друго е неверојатно – предупредува Хан. „Откажете се од деструктивното однесување“.

Тој ја повикува опозициската партија „да се откаже од деструктивниот став и да го стави интересот на земјата и граѓаните пред партиските политички интереси“. Договорот постигнат со Грција е толку важен бидејќи со него се расчистува патот до евро-атлантските интеграции.

Исто така е и сигнал до целиот регион дека е возможно решение дури и на конфликтите кои траат со децении, па Договорот би требало да биде имплементиран во Собранието, без одложување. Референдумот беше чисто консултативен. Она што се брои се убедливите гласови за Договорот: граѓаните кои гласаа „За“ Договорот се рекордни 94 отсто. Повикот за бојкот, кон кој се приклучија и некои од ВМРО-ДПМНЕ, сведочи за недостаток на демократска зрелост – вели Хан.

Комесарот исто така предупредува за можните нови избори кои премиерот Зоран Заев ги донесе во игра. Такво нешто сигурно би допринело за одложување на имплементацијата и ратификацијата на Договорот за името.

– Исто така се сомневам дека доколку има поголемо одложување, дали грчката Влада се уште ќе биде способна да го спроведе Договорот во Парламентот – вели Хан.

Тој исто така предупредува дека новите избори не гарантираат дека на македонското Собрание ќе му го донесат посакуваното дво-третинското мнозинство.

– Тоа значи дека има временска рамка која може да биде искористена сега, или во спротивно шансата за имплементирање на Договорот за името ќе биде изгубена на подолг рок, или можеби засекогаш – вели Хан.