Македонија 18. септември 2018. / 19:03

Хајко Маас и Димитров: Промената на името е клучен чекор за европската перспектива на Македонија

Хајко Маас и Димитров: Промената на името е клучен чекор за европската перспектива на Македонија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес, во Скопје, имаше средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, кој e во дводневна официјална посета на земјава.

Како што информираат од МНР, Димитров го брифирал својот германски колега за актуелните внатрешнополитички состојби, текот на домашните реформи и за надворешнополитичките приоритети на Република Македонија, со акцент на актуелностите поврзани со спроведувањето на претстојниот референдум.

Германскиот шеф на дипломатијата упатил јасна порака на поддршка и охрабрување до македонската Влада да продолжи со имплементација на внатрешните реформи, со фокус на значењето од спроведување успешен референдум и целосна имплементација на договорот со Грција како клучен чекор за отворање на европската перспектива и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Соговорниците размениле и мислења за можностите и заемниот интерес за натамошниот развој на севкупната билатерална соработка меѓу Република Македонија и СР Германија. Притоа посебен акцент бил ставен на потенцијалот за натамошно унапредување на економската соработка и продолжување на континуитетот на најголемата вкупна трговска размена на Македонија со Германија.