По реакциите во јавноста на објавената фотографија од прославата на роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети во Министерството за политички систем на која сите министри се без маски, првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби ги повика надлежните институции да изречат мерки.
-Реакциите на јавноста за сликата без маски се оправдани, сметам дека згрешивме за миг и со нејзиното објавувањето се испраќа погрешна порака на сметка на потребата за носење лична заштита. Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да бидеме пример и да предводиме со дела во сѐ што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин, изјави Груби.
Фотографијата ја објави министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој се правдаше дека присутните биле без маски само во моментот на фотографирањето ги симнале маските од лицата.
По реакциите на јавноста, од МВР соопштија дека го испитуваат случајот со функционерите на ДУИ.