Македонија 16. февруари 2020. / 09:57

Грчкиот Парламент ќе формира Група за пријателство со земјава

Грчкиот Парламент ќе формира Група за пријателство со земјава

Во грчкиот Парламент, во тек е процесот за формирање парламентарна Група за пријателство Северна Македонија – Грција, а до пратениците веќе бил испратен допис, оние кои што сакаат да се пријават за учество во групата, дознава дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за избор на пратеници од грчка страна, кои заедно со нивните македонски колеги од Собранието, ќе бидат дел од Групата за пријателство Северна Македонија – Грција.

Пракса е во ваквите парламентарни групи да учествуваат пратеници од сите партии што се дел од грчкиот Парламент. Останува, во текот на следниот период, а според информациите на МИА, можеби дури и во текот на следната седмица да биде познат составот на грчката група и од кои партии ќе бидат нејзините членови.

Според информациите на официјалниот сајт на грчкиот Парламент, парламентарните групи за пријателство „се формираат со одлука на Претседателот на Парламентот, по писмено барање од пратениците“, во групите учествуваат, „по можност, пратеници од сите пратенички групи“, а „предмет на парламентарните групи за пријателство е зајакнување на парламентарната дипломатија на меѓународно билатерално ниво“.

Според податоците на официјалниот сајт на грчкиот Парламент, постојат 77 парламентарни групи за пријателство со исто толку земји и „ги покриваат парламентарните односи со Парламенти од Европа, Америка, Азија, Африка и Океанија“.