Партијата „Глас за Македонија“ најостро реагира и е згрозена од предложеното име за меѓународна употреба со локално значење, реагира преку соопштение претседателката на оваа партија, Солза Грчева.
„Владата на Заев предложи име за меѓународна употреба со локално значење, што ќе значи целосна капитулација од наша страна. Придавката ‘Илинденска’ која на прв поглед е шеќерна обланда која треба да им се продаде лесно на Македонците поради емотивната врска со двата Илиндена, е всушност име кое не се преведува и е тотално бесмислено за меѓународна употреба“, смета Грчева.
Таа констатира дека вако име ниту може да се изговори, ниту да се преведе, ниту има пошироко значење.
„Со тоа Грција ќе извојува комплетна победа на своите никогаш непроменети барања да не бидеме препознатливи како нација, а ние ќе служиме за потсмев. Второ, како секуларна држава никако не смееме да си играме со верски поими бидејќи ќе личиме на Велигденските острови“, додава претседателката на „Глас за Македонија“.
Воедно партијата дава предупредување до власта, но и до опозицијата никако да не им падне на памет да поддржат промени на името Република Македонија и најмалку да дозволат, како што велат, мајтапење со некаква наводна креативност.