Македонија 29. мај 2018. / 22:35

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ му одговори на Анѓушев да ги почитува законите

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ му одговори на Анѓушев да ги почитува законите

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ се огласи по изјавата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев дека за секое исечено дрво, ќе засади нови десет.

Според него, и да се избере нова локација и траса и на неа ќе се испречи дрво и друга природна убавина која ќе треба да биде санирана. Исто така, наведе и дека промената на трасата ќе го одложи снабдувањето со гас на одредени региони во Македонија на подолг период, од три, четири, пет години, а можеби и повеќе.

Ставот на граѓаните го пренесуваме во целост:

Според Кочо Анѓушев, и да се избере нова локација и друга траса, повторно ќе се уништи дел од некоја природна убавина, бидејќи нема градење на каков било инфраструктурен проект, кој нема да влијае на животната средина.

Вицепремиерот Анѓушев треба да ја знае разликата помеѓу прогласено заштитено подрачје и останатата животна средина. Заштитено подрачје има посебен режим на заштита кој мора да се почитува. Во случајов парк-шума Водно е такво заштитено подрачје со посебен режим на заштита. И наведената компензација за едно дрво десет, не е соодветна и крајно го карикира целиот концепт на заштитено подрачје. Каде се ендемските форми, видовите кои исчезнуваат и имаат меѓународна заштита? Трасата минува низ нивните живеалишта. Реализацијата на гасоводот низ Водно се коси со примарната цел за заштита на тоа подрачје, а тоа се дрвјата. Водно е дендролошки споменик на природата, прогласен за природно наследство согласно сегашниот устав во планирањето, Просторниот план на Република Македонија, како највисок документ. Усогласување со Просторниот план е задолжително.

Ако Владата на РМ, од која Анѓушев е дел, се залага за владеење на правото, тогаш ќе ја почитува нашата заложба и ќе се залага заедно со нас да се почитуваат одлуките и законите, вклучително и ратификуваните меѓународни конвенции, кои ја тангираат заштитата на природата на Водно. И ќе се престане со банализација на заштитата сведена на ниво за едно дрво десет.

Варијанти за траси

Промената на трасата, за да не поминува низ Водно, ќе ја одложела изградбата на гасоводот за 3, 4 па и 5 години.

Ако може Анѓушев да ни одговори кога ќе заврши процесот на експропријација на 56 км неизградениот дел од трасата Скопје-Тетово-Гостивар? На тоа прашање нема да може да одговори, зошто никој не знае точно, со оглед на многубројните нерешени имотно-правни односи со кои се соочуваат. Промената на трасата може да се вклопи во реалната временска рамка и да не претставува одложување на изградбата на гасоводот.

По средбата со надлежните институции, граѓанските иницијативи останаа на ставот дека се против изградбата на гасовод низ парк-шумата Водно.

Една од причините како што велат, е што парк-шума Водно е заштитено подрачје, дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

„Парк-шума Водно има заштитен статус кој Собранието на Град Скопје го има донесено во 1976, а потврдено во 1991. Претставува регистрирано природно наследство кое според Меѓународниот сојуз за заштита на природата и природните богатства (IUCN) има меѓународен статус. Режимот на заштита забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека трасата на гасоводот, 11 км по Водно, би поминала низ над 4 километри високостеблеста шума, дел низ т.н. нискостеблеста шума, би ги уништила живеалиштата на зачајни видови.