Македонија,Скопје 11. јуни 2020. / 13:53

Градоначалникот на Сарај нема кривично да одговара за дивите платформи на Матка

Градоначалникот на Сарај нема кривично да одговара за дивите платформи на Матка

Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата против градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, за кривични дела – злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата, а во врска со дивите платформи на Матка. Скопското обвинителство соопшти дека Беџети спровел процедури согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Антикорупциска ја поднесе иницијативата за кривично гонење поради сомненија дека пријавениот свесно и намерно не презел дејствија и не донел конкретни управни акти во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти, со што на физички и правни лица им овозможил бесправно да изградат платформи на езерото Матка, да стопанисуваат со нив и да остваруваат противправна имотна корист за себе и за друг.

Од податоците доставени од Државниот управен инспекторат произлезе дека инспекторите од овој инспекторат извршиле вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај во врска со постапувањето во наведените предмети, при што на 10.06.2019 година бил составен записник со наод за утврдена состојба и констатирани недостатоци во управното и канцелариското работење. Притоа било донесено решение со кое градоначалникот на општина Сарај бил задолжен да преземе мерки и дејствија во негова надлежност и во определен рок да ги отстрани недостатоците. На 21.08.2019 година инспекторите извршиле контролен инспекциски надзор при што е утврдено дека градоначалникот целосно постапил по решението на Државниот управен инспекторат и ги отстранил претходно утврдените недостатоци и против него не се преземени наредни дејствија – се наведува во соопштението на скопското обвинителство.