Аууу, поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, се покажа како незгоден играч. Едно негово интервју беше доволно да го урне митот за наводната солидарност на екс-премиерот Зоран Заев во надминување на економските последици од борбата против светската пандемија со корона вирусот. И добро ќе беше ако се задржеше само на тоа. Не, Гошев му одржа забрзан курс по политика, економија, антипропаганда, изборна трка… Стар волк!
Предраг ДИМИТРОВСКИ
Тато Заев може да се лути колку сака и кому сака. Патем, може да биде и малициозен, ама тоа не може да му донесе никакво олеснување. Околу политичката улога, квалитетите и способноста на Гошев. На крајот на краиштата, тој беше прв претседател на партијата, што сега ја води синот Заев. Според партијскиот континуитет.
Но, она што остави посебен впечаток е споредбата, што Гошев ја прави за примесите во наметнувањето на размислувањето за воведување минимална плата за сите функционери и вработени во јавната и државната администрација. Навистина, не е пријатно чувството некој, па било тоа да е и Зоран Заев, да биде споменуван во контекст на Мао Цедунг или Пол Пот. Обајцата примери за тоталитаристичките методи во владеењето на своите држави, чии резултати завршуваат со милиони жртви, нивни граѓани и сонародници. Особено не во време кога во Република Македонија е во сила вонредна ситуација, без разлика дали Заев е на државна функција или не.
Тоа што Гошев го забележува во контекст на „квалитетот“ на кадрите ангажирани на полето на економијата и финансиите во Владата и оние во партијата, што ќе рече во СДСМ, само ја потврдува менталната матрица од која тешко се излегува. И не може да биде поинаку кога екс-премиерот насилно се обидува да наметне решение не за вистински да се помогне во борбата против економските последици од корона вирусот, туку отворено, популистички, бескрупулозно и крајно бесчувствително се става во трка на пазарот на гласови! Во време на светска пандемија!
Го фатиле зајко со спуштени гаќи!
И како човек да се согласи на „минималец за сите“ кога ни тој самиот не знае, пред се, колку време ќе трае кризата, а со тоа и колкава ќе биде потребата од примената на „минималецот“?! Што ако кризата потрае подолго? Колку време ќе треба да се вратат во нормала платите и од каде пари за тоа?
Има безброј прашања, кои засега немаат одговор. Меѓутоа, тоа што зачудува е отсуството на транспарентност на владата. Просто е неверојатно досега да не се излезе во јавност и да се дадат симулирачки резултати колкава е разликата меѓу минималецот и просечната плата при овој и овој број вработени, колку е износот минималец за сите, колку е просечна за сите, колку ќе се заштеди во секоја од варијантите…
Апсолутно никому на ум не му паѓа во ваква ситуација да се бара да се заколе кокошката пред да снесе јајце. Или, целиот товар на економскаста криза, што допрва не чека, да падне на грбот на стопанството. Тоа и да сакаме, не може да го поднесе тоа. Но, редно е барем граѓаните, оние кои ќе треба да го понесат најголемиот товар да знаат зошто ќе мора да стегнат заби.
На времето, во едноумието, една од главните пароли, што се продаваше како херојски потег на Маршалот Тито, беше таа од времето на Резолуцијата на Информбирото. Во судирот со тогашниот семоќен Сталин, Тито одлучил да му каже НЕ, и по цена дека сите „ќе јадат листови“ („Јешќемо лишќе“). Тито си заврши работа, а нас допрва не чека најтешкото. Не дај Боже да се соочиме со друга крајност-Ќе јадеме корени! Дефетистички?! Не би рекол во вакви околности.
И уште нешто. Друга парола со која се соочувавме во времето на едноумието беше таа, што остана како симбол на југоносталгијата. Произлезе од народот, а гласеше „Другарот Тито крадеше, ама и нам ни даде“ („Друг је Тито крао, али је и нама дао“). Оваа генерација, пак, ќе може да каже дека сите ја испокрадоа, ама никој ништо не и даде. Напротив, уште ја цица кој како стигне! И во време на најголема светска криза, со чии последици допрва ќе треба да се соочуваме. Кој ќе преживее, ќе раскажува.