Македонија 23. декември 2019. / 14:41

Ѓорѓиевски ја обвини власта за претепувањето на Трајковски

Ѓорѓиевски ја обвини власта за претепувањето на Трајковски

Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека претепувањето на ексградоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, е смислено и со цел бидејќи власта сакала да го замолчи и заплаши Трајковски.

По прогоните и судските постапки, власта поминува и на брутално насилство и физички пресметки. Како и вообичаено по секој кривичен настан, Оливер Спасовски и МВР немаат реакција. МВР продолжува да молчи за овој случај. ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува крвавиот напад, рече Ѓорѓиевски.

Според него, власта е исплашена и во паника не избира средства.

Професионалците во МВР мора да се охрабрат и да ги откријат и изведат пред лицето на правдата насилниците и сите оние што се инволвирани и кои ја дале наредбата за напад. Ова насилство не смее да остане нерасчистено и покриено како другите случаи, во кои МВР по политичка нарачка ги штитеше криминалците и насилниците, додаде Ѓорѓиевски.

Инаку, обвинетиот Трајковски денеска не се појави на судењето за ТНТ. Од МВР информираа дека Трајковски пријавил оти синоќа бил нападнат од страна на две лица, по претходна вербална расправија.