Македонија

Ѓорчев во посета на Велика Британија, средба со министрите Лидингтон и Хамонд

Ѓорчев во посета на Велика Британија, средба со министрите Лидингтон и Хамонд

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев претстојува во неколкудневна посета на Велика Британија на покана на владејачката Конзервативната партија.

Од партијата соопштуваат дека Ѓорчев учествува на годишната конференција на Конзервативната партија во Бирмингем, каде што се носат одлуките и насоките за клучните политики на конзервативците и нивната влада.

За време на посетата, Влатко Ѓорчев оствари средба со Дејвид Лидингтон, министер и секретар на Владата на Тереза Меј, како еден нејзините најблиски соработници.

На средбата Ѓорчев го информираше Лидингтон за резултатите од референдумот во Македонија, како и со последните политички случувања. Ѓорчев го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека партијата го поддржува и промовира членството на Македонија во НАТО и ЕУ, но не се согласува со договорот од Преспа.

Ѓорчев истакна дека големото мнозинство на македонски граѓани ги поддржуваат евро-атлантските интеграции, но референдумот покажува дека во Македонија постои силно незадоволство од економските и кадровските политики на владата на Зоран Заев.

Министерот Лидингтон во минатото беше министер за Европа и добро ги познава состојбите во Европа и на Балканот. На крајот, пратеникот Ѓорчев му се заблагодари на министерот Лидингтон за британската помош на АРМ во меѓународните мисии, на македонскиот образовен систем преку Кембриџ програмата, соработката на парламентите на двете држави, британските инвестиции и сите останати заеднички иницијативи.

На средбата со министерот за финансии, Филип Хамонд, пратеникот Ѓорчев ги истакна одличните економски и трговски односи помеѓу Македонија и Велика Британија, заблагодарувајќи се за британската соработка и помош во цела низа на области.

Конвенцијата на Конзервативната партија продолжува денес, а ќе се обратат премиерката Тереза Меј и нејзините клучни министри.