Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска одлучува по барањето за одобрување притвор на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, поднесено од скопскиот Кривичен суд, Одделение за организиран криминал и корупција.
За пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев ова е класична ситуација како многу пати во историјата, каде оној што се претставува како спасител станува насилник, мислејќи на пратеникот Павле Богоевски и дел од Шарената револуција.
Ѓорчев вели дека ова е одмазда кон Димовски зошто не гласал за промена на уставот.
Сите знаеме дека Љупчо Димовски имал понуди да гласа за уставните измени во замена да нема политички прогон – порача Ѓорчев потенцирајќи дека власта се одмаздува бидејќи Димовски ја почитувал волјата на граѓаните изразена на референдум, а дека притисоци трпеле и други пратеници.