Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев го повика премиерот Зоран Заев да го запре отпишувањето на милионските долгови од неплатени сметки за струја, бидејќи тоа е чиста дискриминација и обид за поткуп на гласачи.
Ѓорчев го потсети премиерот дека ниту еден европски лидер пред избори не нуди буџетски поткуп на нивните граѓани.
-Господине Заев, веднаш запрете го отпишувањето 100 милионски долгови од неплатени сметки за струја.
Прво, ова е чиста дискриминација на штета на граѓаните кои редовно си ги подмируваат сметките за струја, а некои од нив дури и плаќале казни за повторен приклучок доколку не платат 2 – 3 сметки.
Сега токму редовните плаќачи на сопствените сметки ќе треба, како даночни обврзници преку буџетот, да ги платат и сметките на оние кои со години не плаќале.
Второ, ова е предизборна злоупотреба и корупција со која СДСМ и Заев преку буџетски средства сака да поткупи дел од граѓаните кои имаат неплатени сметки и со тоа да стекне политичка предност на претседателските избори.
И по двата основи оваа најава на Заев е за осуда и од истата треба да се откаже. Оваа година ќе има избори за пратеници во Европскиот парламент, но ниту Меркел, ниту Курц, ниту Макрон не нудат буџетски поткуп на нивните граѓани за да ги придобијат нивните гласови! – напиша Ѓорчев на Фејсбук.