Македонија 17. јуни 2019. / 21:33

Героски: Рекетарите сакаат да ги злоупотребат ОЈО и ЗНМ за да ме замолчат!

Героски: Рекетарите сакаат да ги злоупотребат ОЈО и ЗНМ за да ме замолчат!

Новинарот Бранко Героски обвини дека медиумот кој рекетира фирми, откако не успеа да го замолчи со клеветнички напади, ги повика на помош Основното јавно обвинителство и Здружението на новинари на Македонија.

Героски кој веќе неколку пати пишувал дека еден наш медиум, не наведувајќи кој, рекетира фирми, е мета на напади веќе некое време. Тој за ПлусИнфо тврди дека на почетокот го напаѓале неколку наши портали, а сега му се закануваат преку ОЈО и со ЗНМ.

– Откако не успеаја да ме замолчат со клеветнички напади преку неколку наши парапортали, рекетарите поврзани со еден наш медиум ги повикуваат на помош Основното јавно обинителство и Здружението на новинарите на Македонија, тврдејќи дека мојот серијал за рекетарската багра бил, всушност, рекетирање?!

Да потсетам и да прецизирам. Во ниту еден од моите написи за нашите фиктивни јунаци Коки, Кики и компанија, не се спомнува конкретен медиум. Сите имиња на личностите се измислени. Сите себепрепознавања се надвор од мојата одговорност. Тоа е позната литерарна постапка, кога се пишува за вистински настани, но со измислени ликови.

Моите приказни, де јуре, се фикција. Засега. Ако истражните органи решат да ја утврдат вистината, можно е тоа да се промени. Но, за тоа – потоа. – открива Героски.

Тој кажува дека пишувањето на написите за рекетирањето ќе продолжи и покрај притисоците, бидејќи тоа е борба против корупција.

Героски предупреди дека секој што ќе се обиде со јавен исказ неговите приказни и него да ги доведат во врска со конкретни медиуми или личности, ќе се соочи со тужба за клевета.

– Во моите приказни, за кои тврдам дека се верен одраз на она што се случува во реалноста, нема да најдете никакви барања. Многу добро се знае дека јас од никого не сум добил ништо како награда за тие приказни (пари, привилегии и слично), ниту од било кого побарувам нешто. Никому не се заканувам, никого не уценувам. Никој ништо не ми должи, никому ништо не должам. Ниту станува збор, ниту може да стане збор за рекет, или за било какво друго казниво дело, сторено од моја страна. – напиша Героски.

За неговите досегашни написи, тој, очекува ОЈО да реагира.

– Да, секако, и јас го повикувам ОЈО да реагира. Очекувам моите написи – досегашните три и оние што допрва ќе уследат! – да бидат третирани како допрен глас. И да се истражува дали во оваа земја на дело е мега-рекет. Јас мислам дека обвинителите веќе имаат доволно сознанија за да отворат сериозна истрага за тоа. Две јавни личности досега јавно говореа и сведочеа на таа тема. – потенцира Героски.

Тој од ЗНМ очекува поддршка, но и предупредува дека поради притисоците неговата лична безбедност е во прашање.

– Од ЗНМ и од другите новимнарски здруженија, јас очекувам само поддршка. Свесен сум дека мојата новинарска (литерарна) постапка е нестандардна, но со неа не е прекршен ниту еден закон, а ниту Кодексот на новинарите на Македонија. Мора да биде така, за да се заштитам од опасноста да се впуштам во кривоклетство и лажно пријавување. Но, моите приказни укажуваат на големи матни зделки и таа работа треба да се расчисти.

Патем речено, поради моите написи сум изложен и на суптилни притисоци и закани, па предупредувам и на внимание на мојата лична безбедност.

На моите извори им порачувам да бидат спокојни, бидејќи нема да ги оддадам. Напротив, од разни страни постојано добивам нови и нови сознанија, кои потоа ги преточувам во елементи на моите приказни. А тие, приказните, ќе продолжат. Бидејќи борбата против корупцијата мора да продолжи. – напиша Героски.