Злобата и апологетите на власта не ме вознемируваат, напиша новинарот Бранко Героски на Фејсбук, по неговото напуштање на уредичката позиција во весникот “Слободен печат”.
Героски им се заблагодири на сите кои го поддржаа и разбраа неговиот гест со нпуштањето на оваа позиција.
– Како беше она… ах да – борбата продолжува!
Им се заблагодарувам на сите колеги и пријатели кои денес ми упатија поддршка, било јавно, било во директна комуникација со мене. Да бидам искрен, таа поддршка ме трогна, бидејќи не очекував толку многу луѓе толку сериозно да ги разберат мојот гест и вистинските причини што го предизвикаа моето напуштање на кормилото на “Слободен печат”.
Очигледно е дека еден значаен дел од јавноста е сензибилизиран за вредностите како што се независноста на медиумите, слободата на изразување, плурализмот на мислењата, уредувачката автономија и слично. Тоа ми дава поттик силно да се посветам на мојата работа и на мојата борба за тие вредности на либералниот журнализам. – напиша Героски.
Тој најави дека борбата продолжува и уште утре ќе објави текст на тема – бомби, рекет и уцени во политичкиот естаблишмент.
– Злобата и лагите на апологетите на власта не ме вознемируваат. Редно е малку да се порадуваат нашиот познат паланечки филозоф (се умори човекот пишувајќи за Евровизија и педантно, сламка по сламка, фалејќи ја, волшебната метла на Заев), нашиот уште попознат поликлинички случај кому забрзано му ги товарат бисаѓите (оти не се знае кога може повторно да стане невина жртва на напад со тап нож, а без 500 евра в џеб тоа, нели, не може да се преживее) и на сличните од таа екипа ебиветровци. Една српска поговорка вели – свака будала има своју радост.
Ве известувам дека почнувајќи од утре, на порталот Плусинфо ќе ги читате моите колумни. Во мојот добро познат стил. Ја најавувам и темата на мојот утрешен текст – бомби, рекет и уцени во политичкиот естаблишмент.
Да заклучам. Секој што се понадевал дека ќе бидам замолчан, на овој или на оној начин, се излажал. Борбата продолжува! – стои во неговата објава.